Мерките што вечерва ги донела владата ги соопштија министрите за здравство и за надворешни работи Венко Филипче и Никола Димитров
Од вечерва се затвораат сите гранични премини во земјава и меѓународниот аеродром Скопје. Ваква одлука донела владата, а ја соопшти на прес – конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Граничните премини се затвораат за странски државјани, патници и возила, освен за товарни возила, дипломатски возила и други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од главниот координативен кризен штаб за посебен државен или економски интерес.
Се затвора и аеродромот во Скопје, граничниот премин, за сите летови освен за државни, воено, карго и медицински хуманитарни и празни летови. Одлуката стапува на сила по истекот на 48 часа од денот на влегување во сила на оваа одлука.
„Ве молам, не патувајте“, апелираше вечерва и министерот за надворешни работи Никола Димитров кој беше на прес конференцијата со Филипче.
Ако утре патувате не знам кога ќе се вратите, им се обрати Димитров на граѓаните и објасни дека државите ги затвораат границите, се откажуваат летови и тоа што некој има повратен билет не значи и дека му е гарантирано дека ќе се врати дома.
За македонските граѓани кои имаат регулиран престој надвор, апелот од Димитров е овој кризен период да не се упатуваат кон татковината, туку да ги следат упатствата во тие трети држави.
„Наш приритет се нашите граѓани кои се заглавени на аеродромите поради откажани летови, имаме такви од Виена, од Загреб, од Њујорк, има семејства со мали деца, и правиме се што можеме да организираме да се вратат дома. Но морам да кажам дека немаме контрола врз границите на трети држави“,
рече Димитров.
Групата од 200 македонски државјани кои беа запрени на српско- унгарската граница се пренасочени преку Романија и Бугарија и во утринските часови треба да пристигнат на Деве Баир. Димитров ја истакна и најавата од ЕУ за можни рестрикции во движењето.
Од останатите мерки, МВР се задолжува поинтензивно да врши проверка на одлуките и решенијата за самоизолација и да го информира главниот штаб и владата. Има измена и на Правилникот на Фондот за здравствено осигурување, односно терапијата за хроничните болести ќе може да ја продолжуваат и матичните лекари и за период подолг од 6 месеци.
Здравствените установи од дејноста на специјалистичко-консултативната здравствена заштита и општа стоматологија ќе пружаат здравствени услуги само за итни случаи со оглед на методологијата, техниката на работа и опасноста од ширење на болеста заради тоа што се работи со болести на устата, а издавањето и заверката на ортопедските помагала ќе ја вршат матичните лекари.
„Пациентите нема да треба да одат во подрачните единици на Фондот, туку по автоматизам тоа ќе го направат со директен контакт со матичните лекари“, рече Филипче соопштувајќи ги измените во Правилникот на Фондот.
*Поврзана вест