Седум нови случаи на заразени со коронавирус се регистрирани денеска.
Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче на вечерашнава прес-конференција, се работи за 54-годишна жена од Скопје, која на 12-13 март со авион од Виена се вратила во Скопје по престојот во Холандија. Таа е на Инфективната клиника и е со лесна клиничка слика. Контактиран е такси-возачот кој ја носел од аеродромот до дома, нејзините домашни и сега се прават контакти со уште 31 лице кои биле патници во авионот од Виена.
На Инфективната клиника во моментов, заедно со новата пациентка, има 14 лица кои се хоспитализирани и нивната состојба е непроменета.
Уште четири заразени се од контактите на брачната двојка од Дебар, кои како што рече Филипче, се лечат во домашни услови и според системот на ротација и контрола. Уште две лица имале позитивни тестови на коронавирус, откако се пријавиле во приватната клиника „Жан Митрев“, но Филипче рече дека тие утре ќе бидат повторно тестирани во лабораторијата на Инфективната клиника поради усогласување и методологијата.
Филипче рече дека денеска биле тестирани 10 лица, меѓу кои имало и тројца здравствени работници – од Центарот за јавно здравје од Прилеп, од Инфективната клиника и од „8 септември“ и нивните резултати се негативни.
За тоа какви се лекарските прогнози колку ќе трае лекувањето, Филипче рече дека според искуствата од Италија, оние кои се на вентилација, нивното лекување трае од три до четири недели.
*Поврзана вест
Се затвораат сите гранични премини и аеродромот во Скопје (ВИДЕО)