„Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што сега, за жал, е ситуацијата“, рече вицепремиерот и министер за транспорт
Сѐ уште не е постигнат договор, но се водат интензивни разговори и прашање е на време, на недели, а не на месеци, кога ќе излеземе со позитивни вести, секако ако има добра волја од страна на Бугарија. Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање дали е постигнат договор за заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и од бугарска страна.
„Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што сега, за жал, е ситуацијата. Договорот треба да содржи три сегменти. Првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга. Вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна. Третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме, зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат“,
рече тој по денешната посета на „Железници- транспорт”.
Владата на Бугарија ѝ испратила на Република Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, соопшти на 15 јануари бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС).
Предлогот на бугарската држава, како што беше соопштено тогаш, е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен дел на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.
Од македонската влада на 28 јануари соопштија дека го примиле предлог-текстот на Договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничниот тунел од железничката траса на Коридорот 8, кој го подготви и испрати Бугарија до македонските власти.
Донесена е и одлука да се формира работна група која во наредниот период ќе работи на разгледување на предлогот.
За потсетување, Владата на Бугарија, на 30 декември, лани го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“ и како што објави тогаш бугарското Министерство за транспорт, ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот.