За само неколку часа се потрошија околу 2 000 вакцини против сезонски грип откако почна вакцинацијата во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје. Ова за МИА го потврди директорот ЦЈЗ-Скопје, Александар Стојанов и најави дека се очекува да им бидат испорачани уште 2 000 вакцини.
Во врска со тоа кога очекуваат да ги добијат новите дози, рече дека тоа зависи од дистрибутерот „Елбиор“ и напомена дека овие вакцини се однесуваат само за Скопје, бидејќи се набавени преку Центарот за јавно здравје-Скопје.
„Осумдесет отсто од категориите граѓаните кои требаше да ги добијат бесплатно вакцините дојдоа кај нас и ги потрошија. Причината е тоа што во „Мој термин“ оваа недела им е пополнет терминот и луѓето не сакаат да чекаат, сакаат да си платат и да завршат побрзо работа. Луѓето се исплашени и сакаат да си го заштитат здравјето. И за ризичните и за неризичните групи има малку дози. Тоа го има во цел свет. Белгија за еден ден ги потроши. Минатата година 610 вакцини против грип ги фрливме, немаше кому да ги дадеме“,
рече д-р Стојанов.
Нагласи дека годинава има недостиг на маски, ракавици, вакцини, на сѐ има недостиг и дека во цел свет е така, не само кај нас.
„Ние можевме оваа година да добиеме 4 000 вакцини. Не можевме повеќе. Тоа не зависи само од нас. Фабриките имаат ограничен капацитет“,
додаде д-р Стојанов.