Во ковид-одделенијата во болниците низ земјава хоспитализирани се 1 111 пациенти. И покрај напливот на пациенти, здравствените власти уверуваат дека во болниците има слободни места
Поради компликации од ковид-19, во едно деноноќие само во болниците во Скопје биле хоспитализирани 37 лица. Со тоа, бројот на пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град достигна 410, а голем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка.
Од вчера почна да се полни и Клиниката за Гастроентерохепатологија, а се очекува да започне со работа и ковид центарот на Клиниката за Нефрологија.
Според извештаите на Министерството за здравство, за 24 часа, на интерните клиники имало вкупно 24 приеми и тоа четворица пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца пациенти се примени во ковид центарот на Клиниката за Неврологија и 17 болни се хоспитализирани на новото одделение на Клиниката за Гастроентерохепатологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 11 нови приеми на пациенти.
На Кожната клиника во ковид центарот во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 55 пациенти со симтоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 септември има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 160 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 38 пациенти, од кои 11 деца и 27 возрасни.
Притисок има и во болниците во другите градови, каде се лекуваат 701 пациенти позитивни или сомнителни на ковид-19.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 83 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 62 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 47 пациенти, во Велес се лекуваат 66 болни, а во Куманово 74 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19.
Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 97 пациенти, во Прилеп 93, во ковид-центарот во Гостивар 40, а во Струга 32 болни. Во болницата во Струмица лежат 17 пациенти, во Кочани 20, во Кичево 20, Кавадарци 40, а во Гевгелија 10 лица позитивни на корона вирусот.
Хоспитализирани 1 111 пациенти болни или сомнителни на ковид-19
Според денешната статистика на Министерството, бројот на хоспитализирани поради ковид-19 е 1 111 лица. И покрај напливот на пациенти, здравствените власти уверуваат дека во болниците има слободни места.
Од таму посочуваат дека во моментов има доволни слободни места на интерните клиники во Скопје и околу 90 слободни места во болниците во внатрешноста. Дополнителни места се очекуваат да се ослободат по исписсите на оздравените пациенти.
„Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“,
се вели во соопштението.
Министерот за здравство, Венко Филипче денеска најави дека се прави план за да се редуцира работата на другите оддели во болниците, за што поголем број медицински лица да се ангажираат во лекувањето болни од ковид-19.
Министерот уверува дека истовремено ќе продолжи да функционира системот „Мој термин“ за закажување прегледи и интервенции за пациенти со други болести.