Во моментов нема потреба да се намали бројот на прегледи и интервенции кои се закажуваат преку системот „Мој термин“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Сепак, вели дека се прави план како да се редуцира работата на другите оддели во болниците, за ако има потреба да може што повеќе медицински работници да помагаат во лекувањето на пациенти со ковид-19.
„Проблемот со кадар е присутен во секоја болница. Сите се соочуваат со ист проблем и на почетокот на кризата не можеа инфектолозите сами да се справат и затоа напомош дојдоа лекари од други специјалности, пред се интернистите. Сите помагаат каде што се лекуваат пациенти од ковид-19. Во овој момент се уште нема потреба да се намали капацитетот на работа и закажување преку „Мој термин“. Но, ние сме спремни сериозно да се редуцира другата работа, и за тоа има план и во болницата „8 септмври“ и во другите клиники со цел уште поголем број лекари да помагаат во третман на лекување на пациенти болни од ковид“,
рече Филипче.
Филипче рече дека сите медицински лица се мобилизирани за борба со ковид-19, а дополнително десетина приватни лекари се согласиле да се вклучат во системот на ротација.
Засега вели, нема потреба да се ангажираат пензионирани кадри, како што прават други земји.
„Нема потреба да се ангажираат пензионираните лекари. Некои земји дури и ги враќаат оние кои се позитивни, а се асимптоматски или се во изолација поради контакт со заболен од ковид. Но, ние засега со овој кадар успеваме да направиме систем на ротација“,
рече Филипче.