Градоначалникот на Кавадарци вели дека четири булдожери и пет багери работат на отсекување на теренот и локализирање на пожарот кој веќе неколку дена се шири во Неготинско

Пожарот на планината Серта се очекува денеска да се стави под контрола и да се изгаснат конечно големите стихии, вели кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој заедно со неговиот колега на Неготино, Горан Стојанов, беа на терен.
„Четири булдожери и пет багери работат на отсекување на теренот и локализирање на пожарот кој веќе неколку дена се шири во Неготинско. На терен се вклучени и полиција, како и АРМ заедно со пожарникари од Неготино и Кавадарци со седум цистерни кои го гаснат пожарот од земја, а додека ЦУК со АРМ И МВР интервенираат од воздух со три хеликоптери и два авиони“,
се вели во објавата на Јанчев на неговиот фејсбук-профил.
Јанчев информира и дека на увид на терен денес заедно со нив се и министерите за внатрешни работи и за одбрана, Панче Тошковски и Владо Мисајловски, како и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Градоначалникот на Општина Неготино, Горан Стојанов вели дека пожарот на планината Серта се гасне координирано од воздух и од земја
„Стотина припадници на АРМ, на Министерството за внатрешни работи, ТППЕ, Јавни комунални претпријатија, припадници на ‘Национални шуми’, ловџии, волонтери и локално население од утринава масовно се вклучени во гаснењето на пожарот на планината Серта, а поддршка има и од соодветна механизација“,
вели Стојанов.
Од утринава во гаснењето на пожарот покрај полицискиот вклучени се и два армиски хеликоптери „ми 8“ и „ми 17“ од Воздухопловниот ВИНГ.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираа дека пожарот на планината Серта е разгранет на три страни.
Првиот пожар, како што вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, е во атарот на селото Калањево во Општина Неготино, вториот е во селата Горни и Долни Липовиќ во Општина Конче и третиот крак е помеѓу селата Драгоево и Селце, на местото викано Хаџи Реџепли во Општина Штип.
Од безбедносни причини и со цел да се овозможат услови за гаснење на пожарот од воздух и од земја МЕПСО исклучи два далекувода што се наоѓаат на потегот од Пепелиште кон селото Лакавица.