Според министерот за здравство Арбен Таравари, хируршките сали функционираат, но не со полн капацитет
Министерот за здравство Арбен Таравари се надева дека вториот повик за компресорскиот систем за операционите сали на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе има позитивен исход.
Во интервју за ТВ Канал 5, Таравари рече дека хируршките сали функционираат, но не со полн капацитет.
„На правата објава не се јави ниту една фирма. Од Служба за општи и заеднички работи презеде Министерството за здравство да направи втора објава, се надевам дека во втората објава ќе се пријави некоја компанија за што поскоро да ја инсталираме целата инсталација“,
рече тој.
Таравари се надева дека ќе се распише и нов тендер за реновирање и за нови хируршки сали. Дополни дека се подготвува план за пациентите да се третираат и во другите болници и дека ќе инсистира болниците во другите градови, што имаат услови, да не ги праќаат пациентите во Скопје, туку да ги третираат самите. Во однос на времето на чекање за операција, тој посочи дека државава има најкраток период на чекање.
Прашан за назначувањето нови директори, конкретно за директорот на Здравствен дом – Скопје кој е со диплома за туризам, министерот рече дека не секогаш докторите можат да водат некоја институција подобро.
„Јас секогаш сум инсистирал дека јавните здравствени установи е најдобро да ги раководат доктори, меѓутоа не секогаш докторите можат да раководат подобро. Здравствените институции може да ги води економист, доктор, стоматолог, фармацевт итн.“,
смета Таравари.
За состојбата со ковид-19, Таравари рече дека сега повеќето случаи заразени со овој вирус се со полесни симптоми. Рече дека ставот на Комисијата за заразни болести е пациентите кои боледуваат од некоја болест, а во исто време се заразени со ковид-19, да се третираат во институциите на примарната болест, а дополнително само да се повика инфектолог за да се даде дополнителна терапија.