Според директорот на ЈПДП, во моментов се работи интензивно на експропријации за кои претходната влада дала рокови да бидат завршени минатата година
Првиот човек на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски вели оти се надева дека пред доаѓањето на Новата година, „Бехтел и Енка“ ќе започнат со изградба на автопатите кои се дел од коридорите 8 и 10. Тој вели дека пред сè потребно е да заврши потребната експропријација и да се дислоцираат одредени електрични и телекомуникациски водови, за да може да започне изградбата.
Во моментов, објаснува тој, интензивно се работи на експропријации на земјишта за кои претходната Влада дала рокови да бидат завршени минатата година, а средства за оваа намена се надвор од планираните една милијарда и триста милиони евра за изградба на делниците.
„Потпишан е договор којшто е специфичен, којшто е по специјален закон направено и сметам дека, пак ќе кажам претходната влада, поставиле рокови за експропријација и дислокација на електрични водови и телекомуникациски водови којшто е надлежност на Република Македонија и не спаѓаат во тие милијарда и триста милиони, да бидат завршени минатата година“,
рече Трајановски.
Трајановски рече и дека ЈПДП го разгледува проблемот на жителите на прилепското село Ореовец кои неколкупати го блокира патот кај Плетвар за да ги спречат ископите на „Бехтел и Енка“ поради тоа што според нив минирањето на теренот ја уништува статиката на нивните куќи.
„Ние го разгледуваме тој проблем. Сето тоа е од минатата влада, така што тоа е наследен проблем којшто ние понатаму треба да го решаваме“,
рече Трајановски.
„360 Степени“ го посети селото Ореовец на почетокот на јуни оваа година, при што посетивме неколку објекти каде што има оштетување од минирањето во близина на селото. Жителите тогаш го блокираа пристапот до ископот и бараа минерални суровини за изградба на автопатот од Коридорот 10-д да се црпат на друга локација.