Втора недела жителите на прилепското село Ореовец не дозволуваат камиони на „Бехтел и Енка“ да пристапат до ископ за суровини кој се наоѓа на близок рид. Причината е што распукале ѕидовите на 20-ина куќи и локалната црква по првото минирање. Почната е и правна битка
Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека нивна работа е да се грижат за националните интереси, а тоа е изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Сепак, оставаат простор за компромис
На десетина километри североисточно од Прилеп се наоѓа селото Ореовец. Живописно е благ збор за да се опише она со што природата го дарувала местото. Има 23 постојани жители, но многу прилепчани тука градат куќи и се доселуваат во последниве петнаесетина години, па практично бројот е многу поголем. Велат – она што е Водно за Скопје, Ореовец е за Прилеп.

„Има 217 куќи, во тенденција на растење е селото. Пред една година општината направи Детален урбанистички план каде има предвидено градинки, училишта, спортски терени, амбуланта, пожарна служба, паркови и зеленило. Во тој детален урбанистички план има предвидено простор за 200-300 куќи, семејства што можат да се населат“,
вели Рубин Рујановски – жител на Ореовец.
Но, мирот и тишината пред околу еден месец биле нарушени од минирањето на ридот над селото. Машинеријата на „Бехтел и Енка“ почнала да ископува суровини за изградба на автопатот од Коридорот 10-д што треба да ги поврзува Прилеп и Битола.

Ова е причината за жителите да постават блокада на исклучувањето од регионалниот пат за селата Ореовец и Крстец. Тие веќе две недели не дозволуваат пристап до ископот.

„Почнаа да рушат горе во планината, почнаа со минирања, почнаа со пикамери да чукаат многу силно, така што нè вознемирија во цело село. Почнаа експлозии од кои се наруши мирот, испукаа куќите. Селската црква исто беше испукана. Ги почнавме блокадите прво горе кај кампот, но тие не престануваа со работа, па се преселивме, го блокиравме патот да нема пристап до нивниот рудник“,
додава Рујановски.
Куќата на Маријан Пурданоски е меѓу оние што претрпеле оштетување од минирањето. Во Ореовец се доселил со семејството пред десетина години. Раскажува дека сирени им претходеле на детонациите што се почувствувале како земјотрес. Подоцна увидел дека распукале ѕидовите од куќата, најмногу на вториот кат.

„Две детонации од кои втората беше страшна. Барем овде кај мене, во овие простории во мојов објект, се слушна многу јако. Се осети – веднаш пукнатини. Има и на долниот кат, ама претежно овде горе. Ги има пукнатините овде, ама не само овде. Ги има во сите соби. И ги има прилично многу. Еве. Има јако оштетување. Нема ѕид каде што нема пукнатина. Би требало да чини од десет до 15 илјади евра. Санација на сите ѕидови“,
вели Пурданоски.
Пурданоски вели дека освен сирените, немало друга најава за минирањето. Но, и да имало, нема како да се заштитат.

„Ова е само од една детонација. Што понатаму? Ореовец лежи на пештери. Тие пештери не се доволно испитани колкава е длабочината. Секоја една куќа е ризична при секоја детонација“,
додава тој.
Тој вели дека сега живеат во неизвесност.
„Образложение немаме некое, да ни кажат точно што и како ќе биде понатаму. Чекаме одговори. Имаме поднесено некои барања. Да ни достават барем писмено, да нè известат дека од утре би било вака и вака“,
смета тој.
Жители на Ореовец ни пратија фотографии од оштетувања во други објекти. Според нивната груба проценка, распукани се дваесетина куќи.
Од црковниот одбор велат дека е оштетена и селската црква „Свети Димитрија“, што датира од 19 век.

„После детонациите на експлозиите старите пукнатини се дополнително проширени. Има и нови пукнатини. Можете слободно да видите горе дека се доста зголемени тие пукнатини. Доколку има уште неколку такви експлозии, штетите би биле многу поголеми“,
вели Гоце Бошкоски – член на црковен одбор.
Жарко Стеваноски е адвокат од Прилеп кој гради куќа во Ореовец и планира тука да се пресели со семејството.

„Наидовме на фрапантни податоци дека врз основа на постоечкиот закон за утврдување на јавен интерес со кој на стратешкиот партнер ‘Бехтел и Енка’ му се овозможува буквално врз основа на поднесено барање да отпочне веднаш со експлоатација, без да докаже исполнетост на основните услови што треба да ги исполнува било кој што држи концесија во оваа држава“,
смета Жарко Стеваноски – адвокат.
До Основниот суд во Прилеп поднеле предлог за обезбедување докази врз основа на Законот за парничната постапка. Судот сам или заедно со вешти лица со увид на лице место треба да ја утврди фактичката состојба.
„Паралелно со тоа пред Уставниот суд поднесовме иницијатива за оспорување на уставноста на тој фамозен член 10 став 4 кој на стратешкиот партнер на државава му овозможува само врз основа на поднесено барање веднаш да отпочне со експлоатација. Тие го имаат законот за утврдување на јавен интерес, ние како жители на овие населени места го имаме Уставот, а како што сите знаеме, Уставот е највисокиот правен акт во државата и сите други треба да бидат потчинети на него“,
вели тој.
Во член 10, став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес стои:
„Додека се користат експроприраните јами и каменоломи за целите на Проектот, Инвеститорот и Стратешкиот партнер ќе ги почитуваат сите применливи регулативи за минерални сировини, со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални сировини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот“.
Ова не е единственото место во земјава на кое жители протестираат против активностите за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д. Претходно се протестираше и кај месноста Црн Камен во близина на Прилеп, како и во селото Долна Бањица кај Гостивар.
Во јануари годинава почна ископ на локацијата Црн Камен, на десетина километри јужно од Прилеп, за да се обезбеди тампон за делницата Прилеп – Битола. Но, местото е познато наоѓалиште на минерали и е значајно природно наследство.

Тука е пронајден и минерал со единствени карактеристики кој бил наречен според името на земјава – македонит. Активисти од Комитетот за заштита на природното и културното наследство успеаја да спречат да се копа на делот кој е истражен и потврден како наоѓалиште, но продолжи ископот во делот кој досега не е истражен.

„Успеавме да ги натераме до некаде да го напуштат локалитетот и да не го раскопуваат повеќе. Но, од друга страна, дали воопшто би можел да кажам дека успеавме да го заштитиме – не би можел да кажам, затоа што некаде околу 300 камиони со минерали и со кристали од локалитетот Кара Камен се изнесени“,
вели Ѓорѓи Георгиоски – активист.
Во Гостиварско, пак, на селаните од Долна Бањица требаше да им се одземе земјоделско земјиште на кое се одгледува познатиот бањички кромид и на него да се изгради камп за работниците кои ќе го градат новиот автопат.

Но, по силното противење од локалното население, дел од плодното земјиште сепак ќе им остане, а кампот ќе се гради на територија на Општина Врапчиште. Со експропријација ќе биде одземено само земјиштето каде што треба да минува автопатот, како и земјиште за изградба на асфалтна и бетонска база.

„Задоволни сме од наша страна. Но, не сме комплет задоволни. Убаво ќе беше да ни останат нивите, а да биде само патот каде што поминува, коридорот. Но, и вака чувствуваме победа дека малку од малку спасивме од земјиштето, така што ќе имаме што да работиме. Инаку немаше каде“,
вели Насир Асипи – преседател на МЗ Долна Бањица.
Што ќе се случи со барањата на жителите од Ореовец, прашавме и во Јавното претпријатие за државни патишта како инвеститор, и во „Бехтел и Енка“ како изведувачи. Од ЈПДП ни одговорија дека соработуваат со сите надлежни органи и дека веќе споделиле документација со прилепската полиција и со Општина Прилеп – дека нема законски пречки за работа близу Ореовец. Но, наспроти жителите, тврдат и дека последиците од минирањето се минимални.
„Најблискиот објект од местото на минирање е оддалечен точно 706m, во која точка се поставени мерни инструменти кои мерат бучава и вибрации, согласно со кои може да се види дека и вибрациите и бучавата се минимални”,
велат од Јавно претпријатие за државни патишта.
Но, одговарајќи на нашето следно прашање, дали ваквите протести веќе ја забавиле изградбата на автопатите, од ЈПДП оставаат простор за договор.
„Протестите и незадоволството на граѓаните се составен дел од сите големи стратешки проекти, па така ниту овој проект не е изземен од тоа. Локалните жители покренуваат иницијативи штитејќи ги нивните локални интереси за кои сметаат дека им се загрозени. Државата, пак, се грижи за целокупните интереси… Ние и во иднина ќе продолжиме да ги решаваме недоразбирањата на мирен и разумен начин, и на заедничко задоволство на засегнатите страни“,
додаваат оттаму.
Од „Бехтел и Енка“ добивме неконкретен одговор, кој во најголем дел се однесува на досегашните проекти на конзорциумот на Балканот. За земјава, освен дека им било задоволство да соработуваат со македонската влада, велат и дека:
„Во Северна Македонија ќе го завршиме овој проект со главен фокус на вработување и ангажирање на локален персонал и компании секогаш кога е можно и со тесна соработка со локалните заедници и образовните институции“,
велат од „Бехтел и Енка“.
А до каде се работите на терен? Според последниот извештај на надзорот, кој се однесува на состојбата до крајот на февруари, во тек се геотехнички истражувања на подлогата за делница еден, Тетово – Гостивар, делница два, Гостивар – Букојчани и делница четири, Прилеп – Битола. Се изведуваат и земјени работи на истите делници. Само на делницата еден, Тетово – Гостивар е почната и изградба на структури, но не пишува какви. На делницата 3, Требеништа – Ќафасан, не се почнати никакви активности.
Бидејќи договорот со „Бехтел и Енка“ е таен, не може да се провери дали оваа динамика е утврдената. Од ЈПДП велат сѐ тече по план, а делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола ќе бидат готови до крајот на 2027 година.
Во однос на досега исплатените пари, пак, списокот на извештајот на надзорот покажува 10 исплати од кои последната е на 29 декември 2023, што бил последниот работен ден во минатата година. Вкупно, сметката досега е 14,5 милијарди денари или околу 235 милиони евра.
Оваа сума, заедно со очекуваните нови исплати, допрва ќе станува предмет на интерес, ако се земе предвид она што на 16 мај годинава го кажа, според очекувањата, идниот премиер. Христијан Мицкоски говореше за две опции.
„Едната е да го раскинеме договорот и да одиме на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а второто е да го оптимираме договорот за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал проектот и би се реализирал проектот. Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но да биде оптимизиран бидејќи ваков каков што е потпишан од оваа влада, за жал е, можам да кажам, во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми“,
вели Мицкоски.
Иако ги прашавме, за ставовите на Мицкоски немаше ниту збор во одговорот од „Бехтел и Енка“. Од ЈПДП, пак, не реплицираа директно дали е можно репреговарање, но изложија неколку факти – дека договорот е потпишан, дека се финансира и спроведува на терен. Дообјаснување на ставот на Мицкоски побаравме и од ВМРО-ДПМНЕ, но не одговорија.
Прашање е и колку информации ќе добие јавноста ако одново се преговара, бидејќи „Бехтел и Енка“ бараа, а претходната влада прифати – договорот да не се објавува. ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција, бараше документот да биде јавен, па ќе биде интересно да се види како ќе се постави од позицијата на власт.
Тоа се големите прашања. Во Ореовец, пак, фокусот е на локалните проблеми – дали некој ќе им ја надомести штетата и дали ќе ги спасат куќите и црквата?