Во Гостиварско, на селаните им се одзема земјиште на кое досега се одгледувал познатиот бањички кромид бидејќи е потребно за камп за работниците кои ќе го градат новиот автопат. Нивите, кои се извор на егзистенција на тамошното население, се одземаат по цена од 650 денари за квадрат
Во Прилепско, пак, веќе почна ископ на локацијата Црн Камен за да се обезбеди тампон за делницата Прилеп – Битола. Но, местото е познато наоѓалиште на минерали и е значајно природно наследство. Активисти успеаја да спречат да се копа на делот кој е истражен и потврден како наоѓалиште, но продолжува ископот во делот кој досега не е истражен
Атарот на гостиварските села Горна и Долна Бањица е плодно поле на кое локалните жители одгледуваат градинарски производи меѓу кои најзастапен е кромидот. Но, на земјоделците „водата им ја замати“ автопатот што треба да минува во близина.

„Ние се наоѓаме покрај трасата по која поминува коридор осум, а ние се наоѓаме на место кое во склоп на коридор осум ни го земаат за логистика, комплет оваа цела површина, апсолутно ние не знаеме после каде ќе одиме зашто ова е плодно земјиште и ние живееме од ова земјиште“,
вели Насир Асипи – преседател на М.З. Долна Бањица.
Државата веќе почна со експропријација. Земјиштето им се одзема за 650 денари квадрат. Тука, наместо познатиот бањички кромид, треба да никне камп во кој ќе бидат сместени работниците што ќе го градат автопатот од коридорот осум.

„Пред два месеци кога почнаа директно да ни доаѓаат поканите за да се јавиме во имотно-правно, тука пишуваше – или се согласуваш или не се согласуваш, дававме изјави, меѓутоа со доаѓањето назад дома по тебе доаѓа решение – ‘исто како во диспозитивот’. Велат имате право на жалба до Управен суд во Скопје. Меѓутоа секој нема пари да плати адвокат“,
додава тој.
Мештаните дошле и до скица на која е обележана територијата што треба да им биде одземена.
„На оваа страна има касарни. Касарните таму остануваат, тоа е празно место, не работат, од бивша Југославија останати. Полето се одзема, а ова останува. Има таму дел, старата касарна, војската каде што беше, тие ни велат дека половина е од Општината, половина од Министерство за шумарство. Но, доаѓа линијата до тука, тие касарните не. Тука има место за бараки колку сакаш“,
смета Асипи.
Предлагаат уште едно решение.
„Нека земат под кирија, најлошото (во најлош случај н.з.), под кирија, па нека ни го вратат земјиштето назад. Ако било во јавен интерес, меѓутоа да се врати земјиштето. Патот ќе се направи, ќе си замине ‘Енка’. Нема да стои тука. После нека го исчисти местото и бараките и да продолжиме со нашата работа“,
вели тој.
Трајното одземање на нивите целосно ќе им го смени животот на селаните.

„Главно ние со земјоделие се бавиме, друго немаме каде да одиме. Или да го напуштиме селото и да се преселиме на друго место, да најдеме чаре. За тоа сè уште не сме размислувале каде ќе одиме. Ама и немаме намера. Каде ќе одиме ние? Не ни даваат веќе годините. Ние не сме млади. Да имав 20 години ќе земев куферот и ќе си заминев некаде, ама нема каде да одиме. Каде ќе одиме? Не е солидно да ја напуштиш ти твојата земја, твоето село и да се преселиш на друго место. Имаме каде да работиме, а немаме. Не размислуваме ние да го напуштиме селото. И ќе се бориме до крај“,
вели Асан Османи – жител на Горна Бањица.
На неколку стотици метри оттука конзорциумот „Бехтел и Енка“, што ги гради автопатите, веќе отворил градилиште. Се пробива една од најсложените делници од коридорот осум – Гостивар – Кичево.

Месноста Дузлук, што на турски значи рамнина, што се наоѓа во непосредна близина на селото Горна Бањица е меѓу првите локации на кои веќе се започнати градежни работи за изградба на автопатот.
Но, нашите соговорници велат дека не се откажуваат од својата земја и ќе продолжат да ја обработуваат.
„Нема ниту една нива што не е обработлива. Сите се орани ниви, меѓутоа сега ради времето, зима е, а до крајот на месецов ние ќе почнеме со орањето така што ќе почнеме со својата работа. Мора да живееме од нешто. Од одземањето на земјиштето државата ништо не ни рекла, не ни гарантира работно место и било што. Треба да си го земеме куферчето и да си одиме надвор од државата“,
додава Насир Асипи – преседател на М.З. Долна Бањица.
Во Прилепско ретки минерали може да завршат како тампон за автопат
На десет километри јужно од Прилеп, пак, меѓу селата Алинци и Шелеверци има наоѓалиште на ретки видови минерали.
За локалитетот Црн Камен многу експерти и истражувачи тврдат дека е од непроценливо значење како светско природно наследство. Кај нас може да заврши како материјал за изградба на автопат.

За изградба на автопатот од коридорот 10д, „Бехтел и Енка“ почнале да експлоатираат материјали токму од ова место. Црн Камен е толку богат со минерали што и со површно пребарување се стигнува до разни примероци.

„Овие се дел од минералите пронајдени тука. Ова е тој титанит. Карактеристично за овој минерал е дека овде е пронајден многу голем примерок. Имаме многу убави кристали на кварц. Понатака имаме убави кристали на албит. Имаме интересен минерал од групата на фиболи – влакнест фибол или артесонид.“
360°: Колку вкупно минерали има на едно место овде?
„Овде на едно место се пронајдени 20 минерали“,
вели Васја Дамевски – дипл. инженер геолог.
Освен тоа, ова е и археолошко наоѓалиште.
„Ова се големи парчиња од куќа, од градба. Еве каде што биле лепени прачки. Прачки ределе, поголеми стебла и правеле градба со црвеника или глина“,
вели Тренчо Димитриоски – новинар и истражувач.
Тука е пронајден и минерал со единствени карактеристики кој бил наречен според името на земјава.
„Најден е посебен минерал со посебни карактеристики дотогаш непознат во светот како минерал и е наречен македонит. Тоа е направено, колку што видов јас во литературата, ми се чини 1971 година од двајца геолози од нуклеарен завод ‘Винча’ во Белград“,
вели Димитриоски.
Геологот Васја Дамески и новинарот Тренчо Димитриоски се дел од Комитетот за заштита на природното и културното наследство што го формирале неодамна.

„Многу брзо се направи истражување на материјалот и многу брзо се качија машините тука да отвораат патишта додека се свестиме ние… Концесија за експлоатација да се добие е долга процедура која, ќе ви кажат рударите, трае и по две години и повеќе, се собира куп документација, меѓутоа давајќи им ексклузивно право на оваа фирма ‘Бехтел и Енка’ во смисла за побрза изградба на тие договорени проекти и веројатно тие можат да прават како што сакаат“,
смета Димитриоски.
Реагирале до надлежните институции и успеале, барем засега, да заштитат дел од ова место.

„Успеавме да го заштитиме до таа табла, а другана табла е контактна зона. Нема да работат од другана табла наваму. Она што беше предмет на поранешни геолошки истраги се заштити. Другиот дел не можевме да го заштитиме бидејќи немавме доволно аргументи. Не е геолошки истражен. Голема неодговорност ќе беше ние како геолози и како прилепчани, Македонци, ако дозволевме овие минерали да се издробат и да завршат како тампон за патот“,
вели геологот Дамевски.
Сепак, се работи за само 40 илјади квадратни метри, а се смета дека целото наоѓалиште е на површина од над два квадратни километра.
Затоа нашите соговорници сметаат дека битката сè уште не е добиена. Иако тука истражувале и напишале научни трудови многу светски геолози, во тек се нови геолошки истражувања чии резултати ќе бидат пресудни дали „Бехтел и Енка“ ќе го експлоатираат целото место.
„Потребно е да најдеме некој начин како ние можеме законски да го експлоатираме оти сега, видовте и сами, нападнат е од диви копачи. Нашите минерали одат по тие црни канали. Излегуваат надвор од земјава. Ние немаме ингеренции ништо тука да направиме“,
додава Дамевски.
Повикуваат државата да го заштити Црн Камен, да се отвори музеј на минерали, а истражувањата да се прават во државни рамки.