Од ДПА тврдат дека Фатмире Исаку ќе го замени Андреј Жерновски на заменик-министерката функција во ресорот каде што за министер е ротиран Бујар Османи од ДУИ, додека Димитров замина во СЕП
ДПА, веројатно, го добива заменик-министерското место во надворешни работи при распределбата на функциите во т.н. втор ешалон на власта.
ТВ 21, повикувајќи се на информации од партијата, објави дека заменик-министерка ќе биде Фатмире Исаку, професорка по англиски јазик на Тетовскиот универзитет, која беше кандидирана за пратеничка во шестата изборна единица, каде што носител на листата на ДПА беше партискиот лидер Мендух Тачи. Тој е и единствениот од оваа партија кој обезбеди влез во парламентот, по што стана дел од владејачкото мнозинство.
Од СДСМ велат дека во тек се разговорите со коалициските партнери за пополнување и на заменик-министерските позиции, по изборот на новата владата на Зоран Заев, на 31 август. Не е исклучено дел од заменичките места да добијат и други помали партии кои се дел од коалицијата „Можеме“, а чии кадри не се дел од „првата постава“ на „Илинденска“ бр. 2, како што се НСДП или ДОМ.
Заев вчера најави дека до крајот на оваа седмица би ги предложил замениците-министри, а до крајот на месецов очекува да заокружи и прашањето со директорските места.
Доколку се потврди номинацијата на Исаку за заменик-министерка во МНР, тоа би значело целосно отстапување на главната владејачка партија СДСМ од овој ресор, кој во претходната влада на Заев беше во центарот на случувањата поради договорите со Бугарија и со Грција, по што следуваше и деблокадата на евроатлантските перспективи на земјава.
При распределбата на министерските места, СДСМ му го отстапи МНР на ДУИ, така што Бујар Османи и Никола Димитров (кој на изборите беше носител на листата на „Можеме“ во првата изборна единица), практично, си ги заменија функциите, пред самиот старт на преговорите за членство во ЕУ.
До изборот на новите заменик-министри, оваа функција во МНР се уште ја извршува Андреј Жерновски, кој е член на Централниот одбор на СДСМ. Тој беше избран за заменик на Димитров во мај 2018 година откако Алијансата за Албанците излезе од владејачката коалиција. Претходно, заменичка во МНР беше Арта Точи од партијата на Зијадин Села.
Исто така, во мај 2018 година и ДПА стана дел од владата на СДСМ и на ДУИ, со таа разлика што партијата на Тачи во претходниот собраниски состав имаше две пратенички места, така што доби министерско место без ресор, односно за привлекување странски инвестиции.
За време на изборната кампања, Тачи настапи со амбиција тој да биде вицепремиер во новата влада.