Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, сака да биде вицепремиер, но најави дека ако ја добие довербата понатаму би се борел неговата партија да го добие и местото министер за внатрешни работи.
Тој е носител на листата на ДПА во изборната единица 6, а синоќа пред жителите во тетовска Мала Речица даде ветување и за отстранување на казината и игрите на среќа од населбите.
„Ако народот даде вистинска сила, покрај тоа што ќе се кандидирам за вицепремиер, следната цел е позицијата министер за внатрешни работи. Во името на законот, безмилосно ќе се борам против злото кај Албанците, почнувајќи со тоа што ќе ги затворам казината во градовите во рок од 24 часа. Казина и игри на среќа како што има во Германија, Швајцарија оддалечени од населбите“,
рече Тачи.
Во текот на вчерашниот ден Мендух Тачи и Орхан Ибрахими, носител на листа во ИЕ 2, посетија неколку населени места и во Кумановско, соопштија од ДПА.