Додека владејачката партија ја обвинува опозицијата дека со измислени теми и протести се обидува да го релативизира внатрепартискиот расцеп, од ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврдат дека струјата во земјава е меѓу најскапите во Европа, според процентот од просечната плата
Антивладините протести што ги најави ВМРО-ДПМНЕ се обид да се релативизираат внатрепартиските превирања и барањата за оставка од партиското раководство, според оценка на Андреј Жерновски, член на Централниот одбор на СДСМ и досегашен заменик-министер за надворешни работи.
Во статус на Фејсбук, насловен „Протести надвор за опстанок внатре“, Жерновски забележува дека партијата која претрпе уште еден во низата политички порази, која не понуди никаква политичка алтернатива и која денеска, како што вели, се соочува со најтешката криза во својата историја, почнува со организирање протести глумејќи загриженост во име на народот.
„Сомнежите за вистинските мотиви на протестите растат брзо колку и падот на популарноста на партискиот лидер. Тој и таквиот сомнеж се најголеми токму меѓу поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, на кои им е повеќе од јасно дека ќе бидат (зло)употребени единствено за зачувување и спас на претседателската фотелја на Мицкоски, а никако во битка за политичка алтернатива која претендира да понуди нов и автентичен политички проект, или барем наратив во државата“,
пишува Жерновски.
Според него, несмасни и крајно наивни се обидите на Христијан Мицкоски да ја урива владата на Зоран Заев, која беше избрана пред 10 дена и која, како што вели, сѐ уште не се сместила во кабинетите.
„Деструктивноста и неодговорното однесување ќе им го оставиме на Мицкоски и на остатоците од Груевски. На оваа држава ѝ се потребни сите граѓани, до еден. Немаме време и простор за поделби бидејќи нѐ чекаат реформи за остварување на генерациската борба за влез во европското семејство, па затоа опортуното и дефанзивно дејствување на старо-новата ВМРО-ДПМНЕ е товарот на ова општество што треба да се отстрани за да успееме во нашите битки за стабилна и економски напредна македонска држава“,
коментира Жерновски.
Првиот од серијата тематски протести што ги најави ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи вечерва и е посветен на поскапувањето на електричната енергија. Од СДСМ реагираа претпладнево дека Мицкоски, како поранешен директор на ЕЛЕМ, е директно одговорен за стопроцентно покачување на цената на струјата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
На обвинувањата од СДСМ, од опозицискиот табор одговорија дека е груба лага оти Мицкоски ја покачил цената на струјата за 100 проценти.
„Зоран Заев и неговите министри живеат во раскош, народот осиромашува. Заев и мафијата ја направија земјава со најскапа струја во Европа, а со најсиромашен народ. Груба лага е дека Мицкоски ја покачил струјата за 100 проценти. Го повикуваме Заев тоа јавно да го каже за да заработи тужба за клевета“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, како процент од просечната
плата, струјата во земјава е меѓу најскапите во Европа. Еден мегават-час електрична енергија, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, чини 19,1 отсто од просечната плата.