Додека ова се случува на терен, според партијата, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски не преземаат доволно активности за справување со состојбата
Ова, како што велат од опозицијата, не е кризна состојба, туку целосен колапс на одговорноста
Во гостиварската болница, среде епидемија, на дежурствата се ангажирани еден специјалист инфектолог, четворица специјализанти и дерматолози. Ова денеска го соопштија од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), посочувајќи дека здравствениот систем во Гостивар е недоволно подготвен да се справи со состојбата што изминатите недели е предизвикана од загадената вода.

Оттаму велат и дека поради состојбата со водата пациенти од Гостивар за операции и породување се упатуваат во тетовската болница.
„Пациентите од Гостивар се префрлаат во Тетово, затоа што и болницата им е отруена“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, додека ова се случува на терен, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски не преземаат доволно активности за справување со состојбата.
„Мицкоски и Клековски се на екскурзија. Тошковски откако го спроведе хиперхлорирањето, сега како ‘искусен експерт‘ им предлага на граѓаните да ги испуштаат цевките, да го испуштат проблемот со бактеријата. Сега најавува и нови анализи на водата, зашто очигледно не биле правени како што треба“,
велат од партијата.л
Според опозициската партија, сè уште нема официјален документ со кој се потврдува дека водата е чиста, зашто никој не сака да потпише и да преземе кривична одговорност.
„Граѓаните се трујат. Болницата е преоптоварена. Пациентите се возат во друг град. А Мицкоски и неговата екипа се на екскурзија. Ова не е кризна состојба, ова е целосен колапс на одговорноста“,
посочија од партијата.
Вчера по состанокот на Главниот штаб за управување со кризи, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека водата во Гостивар сѐ уште не е безбедна за пиење и смее да се користи исклучиво како техничка.
Беше посочено и дека во одреден број примероци е констатирана бактеријата Pseudomonas, која најчесто се јавува како биофилм во цевководниот систем од застоена вода поради претходно некористење на водата, ниту за пиење ниту како техничка.
