Според претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, опозициските предлози се во насока на поддршка на тие кои се во категоријата на повисоко платени работни места
Двојно помала поддршка за граѓаните и фирмите што се зафатени со кризата со коронавирусот нудат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ наспроти мерките што ги предвидува владата. Со вакви проценки настапи денеска Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, за што посочи и на соодветни показатели:
- Бројот на работни места што е таргетиран од наша страна 250.000 вработени (ова се сите вработени кои добиват плата до 20 000 нето плата) ние би го поддржиле со 60.000.000 евра месечно, додека со моделите на ВМРО-ДПМНЕ таа поддршка е значително пониска:
- За моделот со 20% подршка износот е само 20.775.189 евра за компании што имаат намалени приходи од 20-30%
- За моделот од 30% поддршка, износот на поддршка е само 31.162.784 евра за компании кои што имаат намалени приходи од 30-40%
- За моделот од 40% поддршка, износот е само 41.550.378 евра за компании што имаат намалени приходи од 40-50%
- За моделот со 50% поддршка, износот на поддршка е само 51.937.973 евра
„Правејќи ги анализите, дојдовме до бројки на загрозени работни места и загрозени компании кои и не се така мали. Нашиот модел опфаќа помош за најмалку 250.000 работници и околу 35.000 компании, што е скоро 50% на регистрирани правни субјекти во приватниот сектор . Пакетот економски мерки, вреден 200 милиони евра, овозможува директна помош за сите кои се погодени од кризата – за работниците, за стопанството, за микро, малите и средните претпријатија, за дуќаните, занаетчиите, за спортистите и уметниците и за сите граѓани кои се дел од неформалната економија,“
вели Битиќи.
.
Тој оценува дека мерките што ги предлага ВМРО ДПМНЕ, освен што се несериозни и неодговорни, се мерки за поддршка на тие кои се во категоријата на повисоко платени работни места и можеби под претпоставка дека нивната куповна моќ е поголема. Тоа, како што вели, значи значително помалку средства вбризгани директно во стопанството, помалку пари кај граѓаните и намалување на потрошувачка.
„Јасна е разликата меѓу преземените мерки на ладата кои обезбедуваат месечна поддршка од 60 милиони евра и предлозите на ВМРО ДПМНЕ со срамна поддршка за скоро 50% помалку од тоа што ние го обезбедуваме. Моделот предложен од ВМРО – ДПМНЕ и категоризацијата на бизнисите според нивото на претрпени штети и добивање на поддршка, очигледно е дека ги става во поповолна состојба сите подобро платени работни места, наспроти пониско платените работни места. Тоа почитувани граѓани значи помал опфат и помалку задржани работни места . Затоа што со помала поддршка, компаниите се склони полесно да се откажат од работниците“,
оценува Битиќи.