ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста уште еднаш обвини дека викендов во Софија се одржуваат тајни средби меѓу македонски и бугарски владини претставници.
„Ова досега Заев не го негираше. Според нашите информации се разговара за договор за јазикот, историјата, идентитетот и народните херои при што македонските владини претставници биле договорени да попуштат во црвените линии и ги прифатат бугарските максималистички барања.Заев ги продава државните интереси на тајни средби додека во Македонија ја замајуваат јавноста. Алармираме Заев и неговата влада во заминување да не и прават штета на државата и ниту еден договор кој ќе биде штетен нема да помине и нема да биде прифатен од ВМРО-ДПМНЕ. Македонија не е на продажба“,
се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Истото го повтори на прес-конференција и Александар Пандов кој порача граѓаните да бидат будни затоа што, како што рече, во наредните денови очекуваат дека премиерот Зоран Заев „е подготвен да потпишува некој патоказ“.
„Тоа ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа и од тука ги повикуваме македонските граѓани да бидеме сплотени и обединети. Само на тој начин можеме да се спротивставиме на оваа штетна и зла политика која што за жал се плашиме дека може да не доведе да го изгубиме не само македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот идентитет туку да ја изгубиме македонската историја“,
рече Пандов.
Од СДСМ пак, велат дека немало официјални разговори меѓу Скопје и Софија и ја демантираа и вчерашната изјава на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој рече дека „овие два дена во Софија се раскрчмува македонскиот идентитет.“
„Договор којшто веќе е потпишан постои. Нема потреба и нема да се случи ниту нов Договор, ниту Анекс. За идентитетот наш македонски, за јазикот наш македонски, ниту се разговарало или преговарало, ниту се разговара или преговара. Хистеријата што ја шири самопрогласениот хистеричен политичар Христијан Мицкоски е исклучиво во функција на штета на сопствената држава и сопствениот народ во еден период коишто е многу важен за нашата заедничка иднина“,
рече денеска Костадин Костадинов од СДСМ.
Во однос на најавеното гласање за доверба на Владата од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Костадинов нагласи дека мнозинството е стабилно.
„Факт е дека народот ни дава власт, токму тоа и се случи. Благодарение на успесите на оваа Влада и на Зоран Заев во изминатиот период народот одлучи да ја даде довербата на СДСМ со коалицијата, секако и на Зоран Заев да ја предводи државата наредните години, тоа значи дека Христијан Мицкоски ќе остане во опозиција уште долго. Доколку сметаат дека има потреба за гласање на недоверба слободно нека повелат, мнозинството е стабилно“,
рече Костадинов.