Во однос на тоа кои личности ќе бидат на листите и зошто досега не се објавени, Богоев рече дека тие ќе се знаат десетина дена пред да биде крајниот рок за поднесување на листите и ќе има време и за овие кандидати да се дискутира

СДСМ в сабота на конгрес ќе одлучува за кандидатите за пратеници и носителите на листи, вели потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.
„Правиме анкети и гледаме граѓаните за кого ќе дадат најмногу поддршка во изборната единица и согласно анкетите ќе ги носиме кадровските одлуки викендов на конгрес. Понудата што ја даде ВМРО-ДПМНЕ е истата од 2020 година, екипа која беше поразена и која е трет ешалон од времето на Никола Груевски“,
рече Богоев во гостување на Телевизија 24.
Во однос на тоа кои личности ќе бидат на листите и зошто досега не се објавени, Богоев рече дека тие ќе се знаат десетина дена пред да биде крајниот рок за поднесување на листите и ќе има време и за овие кандидати да се дискутира.
„Меѓутоа, сепак рејтингот, кредибилитетот и реномето на личностите кои ќе бидат на листата се најважни. Секако да има застапеност и во делот на региони, родовата застапеност е исто така аспект што го промовираме како партија и да има пратенички состав што ќе биде сеопфатна понуда. Од другата страна се истите ликови кои во 2020 година ги поразивме, беа трет ешалон во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, сега се прв ешалон во ВМРО-ДПМНЕ и ги гледаме како носители на листите, така да нема нешто многу и од таа страна во понудата“,
рече Богоев.
На прашањето дали Оливер Спасовски, кој како што рече водителката, беше најкритикуван министер кога станува збор за процесот за вадење на личните документи, а СДСМ, според информациите, планира да го кандидира како носител во изборната единица 2, Богоев повторно рече дека за тоа ќе кажат анкетите од кои ќе се влечат заклучоците.
„Тоа е политика, се мери јавното мислење и тука се носат клучните одлуки, тоа ќе ни диктира каде и кого можеме да изиграме бидејќи изборите се тактика и стратегија“,
додаде Богоев.
ВМРО-ДПМНЕ, минатата недела обелодени дел од кандидатите кои ќе бидат носители на листите во изборните единици. Во изборната единица 1 носител еден ќе биде Христијан Мицкоски. Во ИЕ 2 носител ќе биде потпретседателот Владо Мисајловски, во „тројката“ пратеникот Драган Ковачки, во изборната единица 4 Александар Николоски, а во ИЕ 6 листата ќе ја предводи пратеничката и член на Извршниот одбор, Дафина Стојаноска. За носител на листа во изборната единица 5, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се уште немаат одлучено кој ќе биде носител.