Откако ВМРО-ДПМНЕ ги почна изборните подготовки, од владејачката партија уверуваат дека граѓаните и овој пат ќе ги поразат политиките на главната опозициска партија
СДСМ ја остава отворена опцијата за опозициски бојкот и на годинашниве локални избори, реагирајќи на најавата од ВМРО-ДПМНЕ за старт на подготовките за изборите.
„На претстојните локални избори, Христијан Мицкоски го чека само голем, нов, седми пораз од граѓаните, во општините низ целата држава. Секако, под услов ако претходно не избега и не ги бојкотира изборите, како што тоа го направи на предвремените локални избори за градоначалник на Општина Штип“,
се посочува во соопштение на СДСМ.
Според СДСМ, на локалните избори граѓаните повторно ќе изберат „напредокот да продолжи и по седми пат ќе ги поразат погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“.
„Бројните предмети, кривични пријави против дузина поранешни градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се доказ за ‘резултатите’ што зад себе ги имаат оставено. Граѓаните нема да дозволат да се врати времето на режим на локално ниво. Граѓаните се уверени дека напредок е возможен со одговорни, домаќински и чесни политики“.
се наведува во реакцијата на СДСМ.
Редовните избори за градоначалници и членови на советите на општините треба да се одржат наесен. Во сегашната „постава“ на локалната самоуправа доминираат владејачките СДСМ и ДУИ, кои настапуваа во коалиција на последните локални избори во 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ тогаш освои само четири градоначалнички места, додека Алијанса за Албанците има тројца градоначалници.