Да создадеш успех, aко имавме нормален систем, ќе беше лесно, но да направиш раст во бура и руиниран систем каков наследивме и во епска светска криза каква имаме е пеколно тешко, кажа премиерот во говорот по повод 11 Октомври
Рече и дека Владата цели кон просечна плата од 1 000 евра до крајот на мандатот

Покрај пораките за национално единство околу стратешките цели и заедничка одговорност за иднината, говорејќи за „талгот насобран со децении“ и спорот со Бугарија, премиерот Христијан Мицкоски, на годинашното обраќање по повод 11 Октомври зборуваше и за, како што вели тој, економија која се движи напред.
„Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро?“,
рече премиерот во говорот на свечената академија по повод 11 Октомрви – Денот на народното востание, која се одржa на Спомен-костурницата во Куманово.
Премиерот вели дека најголемата борба е онаа за децата, во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената иднина.
„Точно е дека е многу тешко. Иако гласно не зборувам, за тоа сочувствувам со секоја тешка судбина која ќе ја слушнам низ разговори или медиуми. И би дал сè од себе за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го давам последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме, да подигнеме цврст дом на темелите кои одново ги ѕидаме. И во таа наша борба резултатите се видливи. Да создадеш успех ако имавме нормален систем ќе беше лесно, но да направиш раст во бура и руиниран систем каков наследивме и во светска криза каква имаме е пеколно тешко. И тоа го говорат бројките кои не се само статистика туку реален факт и показател. Во вториот квартал од 2026 година остваривме раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти, номинален раст од повеќе од 8%. Државниот завод за статистика излезе со нивелирани резултати за она коешто го постигнавме во 2024 година и во позитивна насока го коригираше растот на БДП од 3% на 3,8% “,
рече Мицкоски.

За него, ова е показател за економија која се движи напред, создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард. Рече и дека Владата цели кон просечна плата од 1 000 евра до крајот на мандатот.
„Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48 499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон онаа бројка од просечна плата од 1 000 евра или нешто повеќе од 60 000 денари“,
кажа премиерот.
Мицкоски посочи и дека трошоците во земјава растат многу побавно во споредба со нашите соседи и со Европската Унија.
„Затоа велам дека полека, но сигурно, напорната работа и напорниот труд којшто го вложуваме даваат резултати и првите индикатори се појавуваат. Но, нема да кажам дека овие резултати се доволни. Сè уште има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци, млади кои бараат подобри можности и компании на кои им е потребна поголема поддршка. За нас економскиот успех нема да биде само бројка во статистички извештај. Вистински успех ќе биде кога растот на економијата ќе се почувствува во секој дом“,
рече тој.
Македонија денеска одбележува 85 години од почетокот на народното востание за ослободување и борба против фашизмот, кое започнало на 11 октомври 1941 година во Прилеп, кога првиот прилепски партизански одред ја нападнал полициската станица во градот, а еден ден потоа се огласиле и партизаните во Куманово. Овој настан го означува почетокот на организираната борба за ослободување на македонскиот народ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
