„Секое поколение има свој испит пред историјата. Нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку да ги оживотвориме нивните подвизи“, напиша, меѓу другото, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова
Премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го празникот, порачува овој 11 Октомври да биде ден на нова одговорност да ја чуваме слободата, која, како што вели, не е завршена приказна, туку дело што секоја генерација мора да го продолжи
„Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја“, наведува претседателот на Собранетио во честиката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание
Со пораки за градење демократска, правна и европска држава, државниот врв – претседателката на државата Гордана Сиљановска -Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски упатија честитки до граѓаните по повод одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание.
Претседателката на државата на почетокот на својата честитка се осврнува на почетокот на Народноослободителната борба, наведувајќи дека на 11 октомври 1941 година, македонските востаници му се придружија на антифашистичкиот демократски фронт, решени да го продолжат патот на илинденците до конечната победа и слобода, формирајќи македонска држава.

„На 11 октомври 1941 година, македонските синови и ќерки тргнаа во решителен бој против фашистичките окупатори, бранејќи ја татковината. Во време кога фашистичките сили маршираа низ европските држави, македонскиот мирољубив народ не беше тивок набљудувач на злото, туку патриотски ја прифати обврската за ослободување. Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ“,
вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, 11 Октомври не само важен историски датум, туку тој е, како што наведува, незаборавна и небришлива меморија и вечен завет за чување и развој на татковината, кој не значи евоцирање спомени, имиња и настани, туку водење државен и општествен живот, достоен на нивната жртва.
„Прилепските и кумановските востаници, но и сите други, не ни оставија само славна страница од минатото, туку аманет дека слободата се добива со храброст, дека правдината бара стаменост и пожртвуваност, дека држава се гради со труд, чест и одговорност. Нивниот херојски подвиг нè задолжува да бидеме не само нивни благодарни потомци, туку и достојни чувари и бранители на нивното непроценливо дело“,
напиша претседателката на државата на нејзината официјална фејсбук-страница.
Осврнувајќи се на денешното време, таа вели дека тоа наметнува други приоритети, но, како што додава, секогаш остануваат човековата жед за правда, достоинство и слободен живот.
Современиот бурен, сложен и конфликтен историски миг, вели таа, од нас бара сплотеност, зрелост и мудрост, како неопходни доблести во справувањето со новите предизвици и проблеми со коишто сме соочени не само ние, туку и Европската Унија, Европа и светот.
Време е, порачува Сиљановска-Давкова, да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање едни други, за градење свест за заедничко добро.
„Мора да градиме правна и демократска држава, но и граѓанско општесто во кое законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на сите, а сечие човеково достоинство ќе биде неприкосновена вредност. Секое поколение има свој испит пред историјата. Нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку, да ги оживотвориме нивните подвизи: со знаење, наместо со незнаење; со право, етика и морал, наместо со самоволие; со единство, наместо со раздор; со заслуги, наместо со политички, партиски и статусни привилегии. На крајот, на востаниците и на партизаните им должиме заслужена почит што се избориле и ни оставиле држава! Ние пак, имаме политичка, економска и граѓанска обврска да градиме демократска, правна и просперитетна европска држава“,
вели претседателката на државата во честитката.
Премиерот Христијан Мицкоски, честитајќи го празникот, порачува овој 11 Октомври да не биде само ден на сеќавање, туку ден на нова одговорност да ја чуваме слободата, која, како што вели, не е завршена приказна.

„Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи. Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но, имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот. Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши преку писмено соопштение наведе дека денешниот празник нè потсетува на вредностите врз кои се гради едно демократско општество – слободата, солидарниста, меѓусебното почитување и заедништвото.
Овие вредности, вели тој, треба да бидат наша водилка во градењето на државата и создавањето подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

„Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја. Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок“,
наведува Гаши во честиката по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
