Според нив, срамно и нечовечно е вината за скандалите на границата и пропуштањето на сватовите на Гаши, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да им ја калемат на полицајците што работат на граничниот премин

Шест невини полицајци ќе одговараат за да се заштити функционер на власта, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) откако вчера од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека ќе биде поведена дисциплинска постапка за шест полициски службеници што на 17 август годинава на граничниот премин „Блаце“ ја пропуштиле да помине делегацијата предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„МВР ги потврди сите информации кои ги објави СДСМ, јавно, на прес-конференција. Се случува класична местенка за да се заштити функционер на власта“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Според нив, срамно и нечовечно е вината за скандалите на границата и пропуштањето на сватовите на Гаши, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да им ја калемат на полицајците што работат на граничниот премин.
„За шестмина полицајци, МВР предлага постапка за утврдување одговорност. Наместо одговорност да се побара од началникот Рамука, кој ги давал наредбите, се казнуваат невини, чесни луѓе. Ова е брука и срамота“,
додаваат од СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски, додаваат од СДСМ, едно зборува јавно, а сосема друго прави.
„Додека беседи за одговорност, се местат невини луѓе, а Тошковски спроведува полициско-партиска заштита за нивниот омилен началник Рамука“,
велат од СДСМ во денешното соопштение.
Оттаму го повикуваат Обвинителството да постапи за овој случај, да ја спречи оваа, како што велат, неправда и вистинските виновници да понесат одговорност.
Од МВР вчера преку соопштение дадоа опис на случајот во кој собранискиот спикер Африм Гаши со службеното возило и неколку други звтомобили беа пропуштени на „Блаце“ кои, според она што беше познато во јавноста, оделе на свадба во Косово.
Од МВР рекоа дека поведувањето постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полицајците Н. Р., М. С., А. Б., Б. А., Н. Б. и Б. С. е по извршениот увид во службените материјали, по анализата на видеонадзорот и од разговорите со полициските службеници.
