„Репортери без граници“ во најновиот извештај оценува дека независните медиуми се изложени на закани и напади и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите
Падот на Македонија за шест места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година, објавен од „Репортери без граници“, е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под водство на ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од опозицискиот СДСМ .
„Репортери без граници“ во најновиот извештај оценува дека независните медиуми се изложени на закани и напади и констатира дека владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.
„Наместо да работат на унапредување на демократските стандарди, Владата предводена од ДПМНЕ се враќа на старите методи на контрола, притисоци и страв. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши, новинарите се ставаат под притисок, а медиумскиот простор се затвора. Оваа тенденција повторно се потврдува. Слободата на медиумите е темел на секое демократско општество и СДСМ ќе продолжи да се бори против оваа регресија што ја спроведува ДПМНЕ“,
порачаа од СДСМ.
Оттаму додаваат дека медиумските слободи не смеат да бидат жртва на „партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ“.
По минатогодишниот скок од две места, Северна Македонија бележи пад за шест позиции на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.
Состојбата со медиумите во Северна Македонија е оценета како „задоволителна“ и таа се наоѓаа во горниот дел од листата, која брои вкупно 180 земји, но на последното место од државите кои во однос на медиумската ситуација ја имаат оваа оценка.