Иницијативата за наградата „Блаже Конески“ потекнува од Советот за македонски јазик, кој во 2019 година до Владата доставил предлог за воведување признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и во странство
Втората предложена награда, „Ремзи Несими“, е иницирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и е наменета за признание на достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата
Пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и коалицијата поднесе закон за изменување и дополнување на Законот за државни награди, со кој се предлага воведување на две нови државни награди, информира на денешната прес-конференција пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Со предложените измени, како што рече таа, се предвидува воспоставување на државна награда „Блаже Конески“ и државна награда „Ремзи Несими“.

Иницијативата за наградата „Блаже Конески“ потекнува од Советот за македонски јазик, кој во 2019 година до Владата доставил предлог за воведување нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјата и во странство.
„Наградата се предлага да го носи името на Блаже Конески, основоположник на современата македонска лингвистика, литературен и културен историчар, поет, прозаист, преведувач и прв претседател на МАНУ“,
кажа таа.
Како што додаде, Конески оставил значаен белег како прв претседател на Друштвото на писатели на Македонија, претседател на Друштвото на писатели на Југославија и член на првата генерација академици, како и прв претседател на МАНУ во два мандата.
Втората предложена награда, „Ремзи Несими“, е иницирана од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и е наменета за оддавање признание на високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата.
Наградата се предлага да го носи името на Ремзи Несими, лингвист, просветен работник и учесник на Конгресот за правопис на албанскиот јазик во 1972 година.
Според Костадиновска-Стојчевска, тој е единствен делегат од Македонија на Конгресот за правопис на албанскиот јазик, каде што учествувал со научна тема и е потписник на Резолуцијата за албанскиот правопис.
„Почитуван од сите албанолози во земјава и во светот, сè до неговата смрт бил референца за секое прашање поврзано со албанскиот стандарден јазик“,
рече пратеничката.
