Дали е точно дека на десетти август, кога Рамадани бил во куќен притвор тој бил на Косово и дали е точно дека на тој ден со возило без да биде застанато на државната граѓница бил однесен на Косово и доцна вечерта бил вратен во куќен притвор во Македонија, прашуваат од СДСМ
Пратеникот од редовите на СДСМ, Митко Трајчулевски, денеска на прес-конференција побара одговори од Владата и од Министерството за внатрешни работи за случајот со бегството на поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани. Тој вели дека неговата партија поседува информации од свиркачи кои се разликуваат од оние кои ги соопштија засегнатите институции.
Од СДСМ прашуваат дали е точно дека на десетти август, кога Рамадани требало да биде во домашен притвор, всушност бил на Косово и дека истиот ден околу 18 часот и 40 минути, тој со возило, без да биде запрен на државната граница бил однесен на Косово, а доцна вечерта вратен во куќен притвор во Македонија.
Дополнително, прашуваат, дали дента кога тој избегал, Рамадани ја напуштил државата со возило кое било во сопственост на државна институција, а било управувано од човек вработен во државните институции. Дополнително од партијата велат дека имаат информации оти и дека при ова преминување на граничниот премин, тој поминал без никаква контрола.
„Дали ова не значи дека не станува збор за бегствто, туку организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции? Дали ова не е всушност партиско полициска организирана шема? Го прашуваме Тошковски, дали е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР? Која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата?“,
велат од СДСМ.
Оттаму велат дека очекуваат одговори во следните 24 часа, а доколку не ги добијат од официјалните власти, тие ќе ги објават информациите кои ги добиле од свиркачите.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак секојдневно прашуваат која била целта на посетата на Блерим Рамадани на Македонија и „дали бил носен на Попова Шапка од функционери на СДСМ и ДУИ“.
„Дали тој всушност се интересирал за градби на омиленото место за дивоградби на функционерите на ДУИ? Затоа ли Рамадани бил пуштен во куќен притвор наместо да биде во затворски? Затоа што ДУИ и СДС имаат бизнис-интерес од него?“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Тони Јаревски, на прес-конференција во седиштето на партијата.
Тој праша и дали ДУИ влијаела врз судијата Пајазит Пајазити, кој, како што кажа, е продолжена рака на партијата во судството, да изрече куќен притвор за Блерим Рамадани, за да може да избега, затоа што имаат бизнис интерес од него.
„Очекуваме институциите да отворат постапки и испоставите на СДС и ДУИ во судството како Пајазити да бидат разрешени. Одговорност мора да има. Зад секоја јавна гласност на ДУИ се крие по некој бизнис интерес. Додека народот се иселува, тие се богатат“,
рече Јаревски.