Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Тони Јаревски, денеска на прес-конференција праша и дали ДУИ влијаела врз судијата Пајазит Пајазити, кој, како што кажа, е продолжена рака на партијата во судството, да изрече куќен притвор за Блерим Рамадани за да може да избега
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска преку низа прашања повторно се осврна на бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, кој побегна откако со судска одлука ефективниот, затворски притвор му беше заменет со куќен.
Овој пат од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат која била целта на посетата на Блерим Рамадани на Македонија и „дали бил носен на Попова Шапка од функционери на СДСМ и ДУИ“.
„Дали тој всушност се интересирал за градби на омиленото место за дивоградби на функционерите на ДУИ? Затоа ли Рамадани бил пуштен во куќен притвор наместо да биде во затворски? Затоа што ДУИ и СДС имаат бизнис-интерес од него?“,
рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Тони Јаревски, на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Тој праша и дали ДУИ влијаела врз судијата Пајазит Пајазити, кој, како што кажа, е продолжена рака на партијата во судството, да изрече куќен притвор за Блерим Рамадани, за да може да избега, затоа што имаат бизнис интерес од него.
„Очекуваме институциите да отворат постапки и испоставите на СДС и ДУИ во судството како Пајазити да бидат разрешени. Одговорност мора да има. Зад секоја јавна гласност на ДУИ се крие по некој бизнис интерес. Додека народот се иселува, тие се богатат“,
рече Јаревски.
Претходно денеска од ВМРО-ДПМНЕ повторно побараа од надлежните институции да го разрешат судијата Пајазити, затоа што, како што велат од партијата, не постапувал законито.
Јасно е дека Пајазити не постапува по закон. Оттука јасно е дека Пајазити не смее да биде судија, а надлежните институции треба да го разрешат. Доколку не се санкционира Пајазити, довербата во правосудството дополнително ќе се намалува, се вели во писменото соопштение од владејачката партија.
Бегството на Рамадани деновиве е повод за јавни преписки и обвинувања меѓу опозицискиот СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија како несмасен спин ги оценија тврдењата на власта дека Судот е виновен за бегството на косовскиот државјанин. Вината ја лоцираат во Министерството за внатрешни работи (МВР) и министерот Панче Тошковски, за кои обвинија оти намерно го пуштиле Рамадани.
Од владејачката партија вчера прашаа и зошто за одлуката на судиите за преиначување на безбедносните мерки за Рамадани не реагирал Судскиот совет – тело кое власта инсистира дека треба да биде распуштено.
Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија, која го бара поради сомненија за извршени воени злосторства во регионот Неродиме.
Нему му беше одреден екстрадициски притвор, кој потоа му беше заменет со куќен. На 14 август, порталот СДК.мк објави дека Рамадани избегал, а следниот ден информацијата ја потврдија од МВР, од каде соопштија дека косовскиот државјанин е недостапен за органите на прогонот.
Вчера во врска со случајот првпат се огласија и од Основниот кривичен суд Скопје од каде за бегството на Рамадани прстот го вперија во Министерството за внатрешни работи, истовремено оценувајќи ја за предимензионирана медиумската покриеност за екстрадициската постапка во овој случај.
Надзорот на лицето во куќен притвор, рекоа од Кривичен, според решението му се доверува на Министерството за внатрешни работи (МВР), односно на надлежната полициска станица и поради тоа системската или индивидуалната одговорност за бегството треба да се бара таму.
На наводите на Кривичен за кратко време стигна одговор од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој во објава на Фејсбук напиша дека во решението за куќен притвор на Рамадани, Судот надзорот го доверил на МВР, Секторот за внатрешни работи Скопје, конкретно на Полициската станица од општа надлежност „Чаир“, но не го определил начинот на извршување, иако, како што посочи тоа е законска обврска.