На изборите на 15 јули во фер, слободна, демократска и безбедна атмосфера граѓаните масовно го поддржаа концептот на СДСМ и коалицијата „Можеме“. Иднината е обезбедена, државата продолжува на вистинскиот пат, уште подобро и уште повеќе, велат од партијата во соопштение до јавноста.
Од таму посочуваат дека мандатот за состав на следната влада е кај партискиот лидер Зоран Заев, кој велат ќе биде следен премиер на државата. Идната владина коалиција велат ќе се дефинира после Илинден.
„Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ. Законските рокови ќе бидат целосно запазени, државата ќе добие функционални и легитимни институции. СДСМ им честита на граѓаните за демократскиот капацитет со кој донесоа јасна одлука каква Влада и каква држава сакаат во следните четири години“,
се вели во партиското соопштение.