Потврда дека владејачката партија нема да го унапредува образованието е ребалансот на буџетот кој јасно потврдува дека токму оваа гранка не е приоритет, обвинуваат од СДСМ
Само два месеци откако ја презедоа власта, ДПМНЕ и министерката Јаневска потврдија дека образованието за нив воопшто нема да биде приоритет, рече пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Николова.
Таа ја оцени како скандалозна изјавата на министерката во која Јаневска рече дека учебници по странски јазик немало да има, но дека тоа не претставува проблем оти децата учеле од серии. Дополнително, Николова вели дека се потврдило дека примањата и платите на образовните работници нема да се покачуваат како во времето кога владееше СДСМ.

„Се кратат средства во програмата за инвестиции во образованието, како и во програмите за проекти во основно и средно образование. Ова значи дека ДПМНЕ крати од програмите кои значат подобра ифраструктура, од проекти за поддршка за ранливите групи на дечиња и крати од програми кои обезбедуваат професионален развој и напредување во кариерата на наставниците. Во пракса, ова ќе донесе целосен застој во развојот на образованието“,
рече Николова.
Од СДСМ обвинуваат и дека ВМРО-ДПМНЕ предизборно ги излажала граѓаните со тоа што покрај покачувања на платите ветиле и сеопфатно подобрување на образовната инфраструктура, оти според нив, очигледно било дека и од тоа нема да има ништо.
„Како конструктивна опозиција им порачуваме на сите вработени во образованието дека ќе бидеме нивни партнери во заштита на нивните права и силно ќе се спротивставиме на политиките на оваа влада која свесно сака да го маргинализира овој важен сектор“,
кажа Николова.
Вчера, министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека платите на наставниците ќе се зголемат за 12 отсто во март следната година, но дека зголемувањето ќе биде во согласност со колективните договори и растот на Бруто-домашниот производ.