Покачувањето ќе биде согласно и Колективниот договор и како ќе се движи бруто-домашниот производ
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека наставниците веќе од март идната година ќе добијат околу 12 отсто покачување на платите. Таа рече дека со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) остварила две конструктивни средби и дека било договорено платите да пораснат согласно тоа како ќе се движи бруто-домашниот производ и Колективниот договор.
Таа кажа дека е задоволна што СОНК и наставниците покажале големо разбирање за тоа што Министерството оваа година ќе нема доволно средства во буџетот за зголемувањето да се случи порано.
„Направени се сериозни разговори во Владата и со министерката за финансии и тие во март следната година ќе добијат според тоа како се движи БДП и според колективниот договор покачување од 10-12 проценти. Мислам дека тоа ќе биде 12 проценти покачување на платата“,
рече Јаневска.
Министерката рече и дека согласно спроведените анкети, мнозинство од родителите, но и од повозрасните групи ученици одговориле дека во новата учебна година не сакаат да имаат пролетен распуст како изминатата година и дека Министерството во овој момент не размислува за воведување некаков друг краток одмор за учениците.
„Ако тие сметаат дека ниту на децата ниту на родителите им одговара таков пролетен распуст, децата губеле континуитет, родителите нема каде да ги остават помалите дечиња, не им се поклопува со одредени празници за да можат заеднички да ги искористат, сметаат дека е повеќе компликација отколку поволност и во тој правец ние одлучивме оваа година да се одвива учебната година од 2 септември до 10 јуни за сите, освен матурантите“,
заклучи Јаневска.