Од СДСМ додаваат дека покрај намалените средства, проблем е и неисплаќањето на тековните субвенции за илјадници сточари, житопроизводители и градинари, во време кога производните трошоци секојдневно растат

Опозициската СДСМ поднесе интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Од партијата обвинуваат дека за две години влада предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, македонското земјоделство е доведено во катастрофална состојба, поради што бараат политичка одговорност.
Според партиското соопштение, субвенциите за земјоделците се намалени за вкупно 40 милиони евра. СДСМ посочува дека поддршката за говеда е намалена од 12 000 на 8 000 денари по грло, додека кај тутунот поддршката за прва класа е скратена од 100 на 80 денари. Опозицијата тврди дека се укинати и низа мерки кои директно ги поддржуваа малите земјоделци, лозарите и оризопроизводителите, а дополнително се поништени и повиците за набавка на трактори, механизација и опрема преку Програмата за рурален развој.
Од СДСМ додаваат дека покрај намалените средства, проблем е и неисплаќањето на тековните субвенции за илјадници сточари, житопроизводители и градинари, во време кога производните трошоци секојдневно растат. Како показател за колапсот на секторот, тие го наведуваат и падот на откупот од малите земјоделци за 46,2 проценти.
Во соопштението се нагласува дека сточарите веќе протестираат поради доцнењето на средствата и намалените откупни цени на млекото, додека житопроизводителите влегуваат во жетва без позната откупна цена и без исплатени субвенции. Слична е состојбата и кај лозарите каде не се почитуваат законските обврски за утврдување на производната цена на грозјето, како и кај оризопроизводителите каде цената на оризовата арпа е драматично намалена.
Како дополнителен мотив за интерпелацијата, од СДСМ посочуваат на корупциски скандали во секторот, кога, како што велат, јавноста беше сведок на скандали поврзани со ИПАРД-програмата и наводното мито од 50 илјади евра. Поради сето ова, од партијата порачуваат дека политичката одговорност не смее да се избегне и оти е време министерот Трипуновски да понесе одговорност за состојбите во ресорот.
