„Наместо независна институција која ја штити државата од криминал, имаме обвинителство кое работи по нарачка, да го штити режимот и неговите луѓе. Ова не е правна држава. Ова е систем во кој Мицкоски одлучува кој е над законот“, велат од партијата

По ослободителната пресуда за Никола Груевски, сега и Драган Павловиќ-Латас е ослободен затоа што Обвинителството се откажало од обвинението. Ова е уште еден јасен доказ дека Христијан Мицкоски директно управува со Обвинителството и со правосудството. Вака од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) коментираат по пресудата која се однесува на судскиот предмет „Тотал“, кој беше отворен од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) за даночно затајување против новинарот Драган Павловиќ-Латас и три правни лица.
Од СДСМ велат дека кога е во прашање некој близок до владејачката партија или до самиот Христијан Мицкоски, обвиненијата исчезнуваат.
„Кога е во прашање политички неистомисленик или критичар на режимот, тогаш Обвинителството е многу ревносно и ефикасно. Ова е токму она што го спречува европскиот пат на Македонија. Европската Унија бара независно судство и независно обвинителство“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Социјалдемократите сметаат дека сè додека Мицкоски има контрола врз тоа кој ќе биде гонет, а кој ќе биде заштитен, Македонија не може да напредува кон ЕУ.
„Наместо независна институција која ја штити државата од криминал, имаме обвинителство кое работи по нарачка, да го штити режимот и неговите луѓе. Ова не е правна држава. Ова е систем во кој Мицкоски одлучува кој е над законот“,
додаваат од СДСМ.
Од Основниот кривичен суд денеска информираа дека на последното судско рочиште надлежниот јавен обвинител во завршните зборови целосно се откажал од понатамошно гонење на обвинетите во „Тотал“. Обвинителот најпрвин направил измени во обвинителниот акт врз основа на наводите од вештиот наод и мислење, а притоа било утврдено дека за две од обвинетите правни лица воопшто не се исполнети елементите кои го сочинуваат законскиот опис на кривичното дело даночно затајување. За третото правно лице, како и за Драган Павловиќ-Латас како физичко лице, во меѓувреме настапила апсолутна застареност на кривичното гонење.
Пресудата за отфрлање на обвинението била донесена на 27 мај годинава, а станала правосилна на 25 јуни.
