Победата на Онер Јакупоски во Маврово-Ростуше на повторените избори ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција вечерва – реагира СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по победата во општината Маврово и Ростуше.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии. Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски, за градоначалник на Општина Маврово-Ростуше на повторените локални избори, според Мицкоски, не е само локален резултат, туку јасна политичка порака од граѓаните.
„Во другите општини изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Целокупната политичка слика е повеќе од јасна – со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во целина. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во Македонија, СДСМ во шест. Тоа не е случајно, тоа е јасен политички суд на граѓаните“,
изјави претходно денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Онер Јакупоски до денешните избори раководеше со општината Маврово-Ростуше како повереник определен од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
