Социјалдемократите тврдат дека за целиот случај поседуваат и документи од свиркачи, а сметаат дека целата оваа операција била со намера само за да се разреши директорка на детска градинка
Градоначалникот на Гази Баба, пак, во демантот посочува и дека неговиот претходник од СДСМ во текот на целиот мандат примал ревизорски извештаи од истото лице за кои обвинуваат социјалдемократите
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, незаконски назначил ревизор, кој потоа спротивно на законот извршил ревизија во детската градинка „Детска радост“, а врз основа на ревизорскиот извештај била разрешена и директорката на градинката, обвини денеска СДСМ.
СДСМ ова го квалификува како скандал и обвинува за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи, тврди, по налог на градоначалникот нелиценциран лице правено ревизиски извештај. Од партијата велат дека за целиот случај поседуваат и документи доставени од свиркачи.
„Спротивно на законот, градоначалникот на Општина Гази Баба, назначил лице без лиценца за ревизор, без положен испит, извесен Добри Петров. Станува збор за Добри Петров, назначен за в.д. директор на Јавното комунално претпријатие ’Гази Баба‘. Листата на овластени ревизори е лесно достапна на веб-страницата на Институтот за овластени ревизори, и јасно е дека Добри Петров нема положен испит за внатрешен ревизор и нема лиценца. Со ова прекршен е член 36 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола“,
рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Незаконски избраниот ревизор, тврди СДСМ, го прекршил законот и со постапувањето по изботвување на извештајот.
„Лицето кое без лиценца ја вршело ревизијата, ревизорскиот извештај, наместо согласно Законот да го достави прво кај директорката на градинката го доставил кај градоначалникот. Врз основа на овој незаконски Извештај директорката на градинката е разрешена. Очигледно целта на целата оваа незаконска операција била заради разрешување на директорката на градинката ’Детска Радост‘“,
рече Кузеска.
Од партијата побараа надлежните институции по допрен глас да покренат законски постапки за овој, како што велат, скандал.
По прес-конференцијата на Бихаќка, со реакција се јави и ВМРО-ДПМНЕ, а демантираше и градоначалникот на Гази Баба Стефковски.
СДСМ најави скандал, велат од ВМРО-ДПМНЕ, а во реалноста не видовме ниту жижалица, а не пак петарда или бомба.
„По теркот на тоа што сме навикнати од СДСМ денес не видовме како некој договара бизнис од 200 илјади евра како што тоа пред камера го правеше лидерот на СДСМ Зоран Заев, евро за него евро за Вицето. Не видовме ниту грабање на туце пари како што тоа го направи директорот на власта Ден Дончев кој го пуштија да избега. Не видовме ниту договарање и продажба на софтвер сам на себе како тоа што го правеше Рашковски. Видовме бајат случај, каде СДСМ се жали што е сменет директор нивен партиски кадар кој несовесно си ја работел работата. Истиот тој ревизор за кој СДСМ вели дека е спорен бил претходно ангажиран од нивниот градоначалник Борче Георгиевски за кого исто така правел ревизија. Притоа СДСМ жали за тоа што е сменет нивен партиски кадар од позицијата директор, а не ги кажува прекршувањата на правилата, престапите и злоупотребите што биле правени од истиот тој директор“,
пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот на Гази Баба, исто така во демантот посочува и дека неговиот претходник од СДСМ во текот на целиот мандат примал ревизорски извештаи на кои е потпишан токму Добри Петров.
„Лицето Добри Петров беше вработено лице во општина Гази Баба на работна позиција Советник во одделението за внатрешна ревизија на јавните установи од 2013 година. За внатрешни ревизори можат да бидат назначени лица кои покрај општите услови утврдени со закон ги исполнуваат и посебните услови од членот 36 став 3 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола кои лицето Добри Петров во целост ги исполнува. СДСМ немаат познавање ниту на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, ниту на Правилникот за начинот на извршување на внатрешната ревизија и начинот на известување за ревизијата.Ја упатуваме Богданка Кузеска од СДСМ да се информира од нивниот претходен градоначалник на општина Гази Баба Борис Георгиевски за тоа како за време на целиот негов мандат примал ревизорски извештаи на кој е потпишано лицето Добри Петров како овластено лице кое вршело ревизија во име на општина Гази Баба на јавните установи“,
вели Стефковски.
Во дописот до медиумите тој достави и ревизорски извештаи од мандатот на претходниот градоначалник од СДСМ со цел да ти докаже своите тврдења.