Од партијата оценуваат дека наместо економски напредок, економијата се наоѓа пред колапс, а граѓаните се принудени да водат секојдневна борба за преживување и покривање на основните сметки

Цените на горивата во земјава драстично пораснаа, со што граѓаните се соочуваат со нов ценовен шок наместо ветуваното поевтинување, реагираат денеска преку соопштение од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Според опозициската партија, со последните две последователни поскапувања во рок од само една недела, цената на дизелот се зголеми за 11 денари и достигна 94 денари за литар. Од СДСМ предупредуваат дека ова ќе предизвика нов бран на поскапувања на храната, превозот и основните услуги.
Од партијата посочуваат дека платите во земјава веќе не се доволни за покривање на основните месечни трошоци, а Владата нема преземено никакви мерки за заштита на стандардот.
„Минималната потрошувачка кошничка повторно се околу 70 000 денари. Само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни над 25 000 денари месечно. Доколку во трошоците се пресмета и кирија за стан од 60 квадратни метри, вкупните трошоци достигнуваат 83 873 денари“,
наведуваат од СДСМ.
Од СДСМ критикуваат дека Владата предводена од Христијан Мицкоски не нуди конкретни чекори за поддршка на најпогодените категории граѓани.
„Повторно нема никакви конкретни мерки – ниту за работниците, ниту за пензионерите, ниту за земјоделците, ниту за социјално ранливите“,
велат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека наместо економски напредок, економијата се наоѓа пред колапс, а граѓаните се принудени да водат секојдневна борба за преживување и покривање на основните сметки.
„Каква трета економија во Европа, вистината е дека Мицкоски и неговата влада системски го уништија стандардот на граѓаните, а економијата ја донесоа пред колапс“,
се додава во соопштението од СДСМ.
Според опозицијата, секоја најава за намалување на цените од страна на власта завршува со дополнителен раст на трошоците за живот.
Реакцијата на СДСМ доаѓа по вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за зголемување на цените на горивата. Според одлуката на РКЕ, бензините поскапуваат за три денари, а дизелот ќе се продава по цена што е повисока за шест денари.
Инаку, вчера Собранието донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати која ќе трае до 20 октомври. Продолжувањето на кризната состојба од 21 јули до 20 октомври ќе овозможи континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари.
Потоа Владата донесе одлука за намалување на акцизите на бензинот и дизелот, а со цел да се амортизира дел од ценовниот раст.
Амортизирањето, всушност, значи зголемување на малопродажната цена на бензините од околу 3 денари по литар и за околу 6 денари за дизел-горивата, наместо повеќе.
