Реакцијата на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој на прес-конференција ги критикуваше предлог-мерките на СДСМ за намалување на штетите врз економијата, за СДСМ е само обид за ширење паника кај граѓаните.
Од владејачката партија остануваат на ставот дека мерките во кои, меѓу другото, се предлага сите јавни функционери и административци два месеца да земаат минимална плата, се издржани и дека заедно со останатите мерки, како на пример, замрзнувањето на кредитите, ќе дадат добри резултати за намалување на економските последици.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ниту имале ниту имаат намера да се откажат од нешто или, пак, да поддржат нешто што е во интерес на граѓаните и државата. Овие мерки се чин на патриотизам. Патриотизам е да се зачува секое работно место, да се обезбеди минимален приход за секој граѓанин, затоа што само солидарни, одговорни и храбри, но и спремни и одлучни да се соочиме со овие сериозни предизвици ве уверувам дека само така можеме да излеземе како победници“,
изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов
Од СДСМ посочија дека го поддржуваат и предлогот на министерката Рената Дескоска да им се укине годишното финансирање на партиите за оваа година и парите да се пренаменат за здравствена заштита на граѓаните.
Христијан Мицкоски, пак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати стопирање на парите за годишното партиско финансирање, ама ако и министрите и другите државни функционери се согласат да работат пробоно во овој период.
Презентирајќи ги свои предлози за надминување на кризата, Мицкоски го повика Заев да се откаже од дел од неговите предлог-мерки кои, како што рече, удираат врз џебот на најсирмашните, а наместо тоа да се скратат непродуктивните трошоци.
Поврзани вести:
Мицкоски ќе се откаже од парите за ВМРО-ДПМНЕ, ама и министрите да се откажат од платите (ВИДЕО)