Предлог-мерките на СДСМ за намалување на штетите врз економијата од коронавирусот кои вчера на прес-конференција ги презентираше претседателот на партијата Зоран Заев за ВМРО-ДПМНЕ не се решение. Опозицијата денеска реагираше со писмено соопштение во кое ја обвини власта дека со мерките со кои се предлага сите јавни функционери и административци два месеца да земаат минимална плата, како што велат, ќе се удри по џебот на најсиромашните.
„Намалувањето на платите на работниците и сведувањето на целата администрација на минималец ќе значи дека едно четиричлено семејство кое и досега едвај врзувало крај со крај и не успеало да заштеди средства, сега нема да може ниту да се прехрани. Брoјот на зaбoлeни од кopoнавирусот во Република Македонија постојано се зголемува, веќе имаме и прва жртва, а Владата се занимава само со бркање политички поени преку празни прес-конференции на кои не се нуди никаков излез или решение“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата, меѓу другото, бара и времетраењето на полицискиот час да се зголеми и да почнува од 18 часот.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се бара и зголемување на капацитетите за тестирање на граѓаните од коронавирусот со цел, како што велат, да се следат препораките од СЗО за тестирање на што е можно повеќе сомнителни случаи.
Инаку, во својот пакет-мерки што ги предложи владејачкиот СДСМ се предвидува сите функционери и раководители, пратеници, вработени во администрацијата и локалната самоуправа, судии и обвинители во април и мај да земаат минимална плата од 14 500 денари, а за приватни фирми, социјални категории граѓани, невработени, уметници, спортисти и медиумски работници владата ќе субвенционира различна сума која ќе се движи до една минимална плата за месеците април и мај.
Поврзани вести: