Опозицискиот лидер ги критикуваше предлог-мерките на Заев и презентираше свои предлози за надминување на кризата, меѓу кои и план како Владата да стигне до една милијарда евра свежи пари
Кратењето на платите треба да почне од државните функционери, а не од работниците, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски критикувајќи ги мерките што ги предложи доскорешниот премиер Зоран Заев за надминување на економските последици од коронавирусот.
Мицкоски го повика Заев да се откаже од поголемиот дел од предлозите, а во однос на предлогот на министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска за стопирање на парите за годишното финансирање на партиите рече дека го прифаќа, ама ако и министрите и другите државни функционери се согласат да работат пробоно во овој период. Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ влезе во предизборието со замрзнат имот, ама и гарантираше дека министерот за внатрешни работи, кој е номиниран од опозицијата, ќе се согласи членовите на Владата да работат бесплатно овој период за надминување на последиците од коронавирусот.
„Со економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ и стратешките соработници ги анализиравме мерките што ги предложија СДСМ и Зоран Заев. И можам да кажам дека сме вистински загрижени дека нема вистински план, а државата и стандардот на граѓаните е пред нова опасност за колапс. Се случува крах на системот затоа што е на стаклени нозе, а економските политики доживуваат неуспех. Поминавме турбулентни 29 години на предизвици, кризи, најболната приватизација и транзиција на Балканот, воен конфликт, светска економска и европска должничка криза, но никогаш не се посегна по она што СДСМ и Зоран Заев сега го прави, а тоа е платите на работниците“,
изјави Мицкоски.
Тој презентираше и свои предлози за тоа како да се надминат последиците од ситуацијата со коронавирусот:
- Државата да покрие до 50 проценти од бруто трошоците за вработените, по основ на нето-плати и придонеси, а не само нето-плати.
- Целосно да замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите.
- Владата да се откаже од непродуктивни трошоци од буџетот и безусловна интензивна реализација на капиталните инвестиции.
- Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки.
- Да се донесе одлука за укинување на сите давачки царински и даночни за набавка на здравствени маски, препарати и уреди потребни за справување со корона вирусот.
- Поддршка за одлуката на владата аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, но истото ова треба да се примени и за ДДВ за март.
- Паралелно со замрзнување на обврските на граѓаните кон банките, да се разгледа можноста за намалување на примањата на вработените во администрацијата и јавните претпријатија за март, најмногу до 10 отсто.
- Да прекинат трошоците за времени вработувања
- Владата да донесе уредба со сила на закон за поништување на одлуката со која се купува удел во АД ГА-МА Скопје и средствата кои се на сметката на НЕР АД Скопје во висина од 32.000.000 евра да се пренаменат за санација на штетите од пандемијата.
„Дозволете да соопштам план како Владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за граѓаните и бизнисот да не ја почувствуваат кризата. Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии. Имено, пасивниот капитал да се претвори во актива“,
рече Мицкоски.