Откако Обвинителството излезе со сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ во ова предизборие се рекламирала незаконски во неколку наменски отворени портали, од владејачката партија потсетија и на случаите со затворањето на сметката за кампањата на Силјановска на претседателските избори, и со унгарските пари за македонски медиуми…
Надлежните институции да утврдат одговорност во однос на истрагата на обвинителството за неправилности во рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ на неодамнешните парламентарни избори, побара денеска портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Како што рече Костадинов, овој случај – со стотина илјади евра од буџетот за рекламирање дури и во непознати медиуми, без импресум и редакција, покажува дека ништо не се сменило во ВМРО-ДПМНЕ.
„Останува старата криминална матрица на ВМРО-ДПМНЕ, каде што речиси и да нема кампања што не е спорна“,
рече Костадинов на прес-конференција.
Тој посочи дека опозициската партија минатата година ја затворила сметката за претседателската кампања на Гордана Силјановска-Давкова со долг од околу 400 илјади евра, спротивно на Изборниот законик. Претходно, рече Костадинов, Груевски оставаше долгови од по три милиони евра.
Портпаролот на СДСМ потсети дека на почетокот на годинава словенечки медиуми објавија истражување според кое ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, со 2,5 милиони евра црни пари од Унгарија финансирала медиуми во земјава да шират антидржавна кампања.
„Време е за одговорност. Време е за ред, дисциплина и правда“,
рече Костадинов.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера влезе во три фирми, сопственици на портали, и одзеде документација за да го провери рекламирањето на политичките партии во текот на кампањата за предвремените парламентарни избори.
Според информациите од Обвинителството, станува збор за фирми кои во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и немале објавено ценовник за рекламирањето.
Според извори од акцијата, станува збор за фирми на чии портали за реклами плаќала ВМРО-ДПМНЕ. Според неофицијални информации, станува збор за фирмите „Глобал нет“ ДООЕЛ, „Некст левел солушнс“ ДООЕЛ и „Медиа ком“ ДООЕЛ. Меѓу порталите за кои ќе се проверува рекламирањето се: lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, biznisvesti.mk, times.com.mk.
Според информациите, на една од фирмите ѝ е исплатена фактура од околу 20 000 евра, која потоа била распределена за седум портали, иако, согласно со Изборниот законик, сумата што може да се исплати на еден портал и печатен медиум од еден учесник во изборите не може да биде поголема од 15 000 евра.