Рекламирањето на ВМРО-ДПМНЕ е транспарентно и законско, а Вилма Русковска треба да го провери рекламирањето на СДСМ, реагираат од опозициската партијата откако беше објавено дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција проверува три фирми на чии портали се рекламирале партиите за време на кампањата за парламентарните избори во јули.
„Очигледна е паниката кај власта по реките народ што се излеаја вчера од незадоволство и против владеењето и трговијата со сè што е свето за граѓаните од страна на оваа власт, па денеска политичкото обвинителство во ликот и делото на Вилма Русковска организира напад врз медиуми, што го продаваат како некаква борба и справување со корупцијата. Вистината е дека сето рекламирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ е транспарентно и законски. И се чудиме, како и зошто Вилма Русковска експресно реагира на повикот на СДСМ, а не реагира на очигледен криминал од СДСМ? Пред цел месец реагиравме и обзнанивме дека на СДСМ во извештајот му недостасуваат стотици илјади евра за рекламирање“,
вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој го обвинува владејачкиот СДСМ дека во текот на кампањата трошел околу 27 000 дневно за рекламирање на социјалните мрежи, како и дека во извештајот на социјалдемократите не се реално прикажано потрошените десетици илјади евра дневно.
СДСМ, вели портпаролот, не ги пријавува и прикажува само 17 илјади евра потрошени за таа намена за цела кампања, но обвинителката Вилма Русковска не реагира.
„Ова што сега се случува и се врши врз медиумите е чист случај на притисок и заплашување од партиското обвинителство на СДСМ против медиумите што известуваа и ги пренесуваа протестите на опозицијата и, уште пострашно, се критички настроените медиуми против власта, што се наведува и во извештајот на Стејт департментот“,
вели Стоилковски.
Тој апелира до новинарските здруженија и синдикати да го осудат овој, според него, напад врз медиумите.
Обвинителството денеска соопшти само дека го проверува рекламирањето на политичките партии, но не наведе на која конкретно се однесува денешната акција со влегувањето во трите фирми.
Сепак, од извори во акцијата, неофицијално се дознава дека станува збор за реклами на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“. Сомнежите се дека плаќале фактури на фирми што отвориле портали наменски пред изборите, немале импресум, адреса на седиште и немале објавено ценовник за рекламирањето.