Попис ќе има, бадијала кочиш и блокираш. По шест порази не ја научи лекцијата дека со деструктивност не можеш ништо, возвратија од владејачката партија по вечерашното гостување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Сител
Единствениот кој го политизира спроведувањето на пописот е самиот Мицкоски затоа што не знае ништо друго освен да кочи и блокира се што е важно за државата, реагираа од владејачкиот СДСМ на ставовите на опозицискиот лидер во однос на пописот.
По вечерашното гостување на Христијан Мицкоски во вестите на Сител, од СДСМ возвратија дека е несериозно да се бара методологија за пописот, кога се уште не е донесен ниту законот за попис на населението. Уште понесериозно и понеодговорно е да се тврди дека попишувањето ќе се одвива само преку матичен број на граѓаните.
„Заканите за собирање потписи за наводни референдуми, па потоа за законски решенија не се ништо друго освен очаен блеф на Мицкоски кој преку ова гледа начин да си ја спаси фотелјата во белиот дворец. Тој филм Мицкоски нема да го гледа. Северна Македонија оваа пролет ќе спроведе попис на населението по цели 19 години, откако последниот во 2011 година не успеа поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ. Блокадите и деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ одново ќе бидат поразени. И по шест порази Мицкоски не ја учи лекцијата, не разбира дека со деструктивност и ситно политиканство не може ништо да постигне“,
велат од СДСМ.