Според владејачката партија, потегот со враќањето на таблата со старото уставно име на државата, е директен атак врз членството на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ
Владејачкиот СДСМ го осуди и денеска потегот на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, која, пред неколку дена ја врати таблата со старото уставно име на државата Република Македонија. Според СДСМ, Мизрахи, поттикната од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан МИцкоски, го прекршила Уставот.
„Со непочитување на уставното име на државата и тоа во државна институција, техничката министерка за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ директно го прекрши Уставот и го загрози Договорот од Преспа, кој ја гарантира иднината на нашите деца“,
се наведува во соопштение на СДСМ.
Според владејачката партија, таквото однесување кон Договорот со Грција е директен атак врз членството на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Со потегот на Мизрахи, според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ по кој знае кој пат покажа дека е деструктивна партија, со единствена цел меѓународно да ја изолира државата.
„Без почитување и без спроведување на Договорот од Преспа нема НАТО и нема ЕУ. Без НАТО и ЕУ државата нема прогресивна и европска иднина. Со игнорирањето на уставното име ВМРО- ДПМНЕ потврди дека е против договорот и дека упорно работи на проектот за изолирање и уназадување. Потегот на Мизрахи, инициран од Мицкоски, по налог на азилантот од Будимпешта Груевски, е антидржавен и опасен за стратешките интереси на Северна Македонија“
оценуваат од СДСМ.