Владејачкиот СДСМ реагира дека ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, води хајка и шири невистини против изградбата на автопатските делници.
Оттаму велат дека е лага оти државата ќе плаќа пенали ако Собранието не го изгласа пакетот законски измени за изградба на коридорите 8 и 10-д. Демантираат и дека 70 отсто од персоналот ќе бидат странски работници.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека државата ќе плаќала пенали ако во Собранието не се донесе пакетот закони поврзани со изградба на коридорите. Законот за изградба на коридорите е јасен и во член 11 предвидува најмалку 51% од ангажираните ресурси да бидат локални. Лага на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски е дека ангажманот на работници од странство ќе биде спротивен на законот. Во член 13 од Законот за изградба на коридорите јасно е утврдена законската процедура. Обвинувањата на Мицкоски за новиот начин на градење, по фази, со кој се обезбедува брзина и ефикасност во изведбата на коридорите само покажува дека хајката којашто ја води е од политички и лукративни причини и нема врска со ништо друго. Хаос како ВМРО-ДПМНЕ што направи со Кичево – Охрид нема дозволиме да се случи“,
велат од СДСМ.
Оттаму обвинуваат и дека хајката што ја води Мицкоски го покажува неговото заложништво на проруската Левица.
Изградбата на коридорите е главна тема и во опозициските редови. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта прави историска кражба и оти патиштата ќе ги градат странски работници без работни дозволи и регулиран престој. Вчера Мицкоски изјави дека според договореното, власта се обврзала дивоградбите да се експроприраат по иста цена како и легалните објекти, како и грешките во проектот на изведувачот да ги плаќа Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Денеска, пак, Мицкоски посочи дека Владата сака да го почне проектот со „Бехтел и Енка“ без да добие дозвола за градење и тврди дека поради тоа што Законот за работни односи не е сменет, од денеска стартуваат пеналите кои државава ќе треба да му ги исплаќа на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Договорот што Владата го склучи со „Бехтел и Енка“ не е објавен јавно, а премиерот Димитар Ковачевски најави дека Владата ќе го прати до Јавното обвинителство, иако остана нејасно во каква процедура ќе го направи тоа бидејќи ниту легислативата ниту праксата познаваат нешто такво.