„Некогашниот шпицен кандидат за премиер, Мицкоски, сега изигрува шпицен градоначалник за да се меша во тендери, за да има влијание и да остварува лични интереси и интересите на одредени бизнис групи“, истакна пратеникот од СДСМ Дарко Каевски на денешната прес-конференција повикувајќи ги надлежните институции да го расчистат случајот со милионскиот тендер за пречистителната станица во Скопје
Христијан Мицкоски сè уште молчи за неговата улога во сомнителниот тендер за пречистителната станица во Скопје, кој беше причина за кавгата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ексдиректорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, и двајцата кадри на Мицкоски.
Ова на денешната прес-конференција го нагласи пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски, додавајќи оти јавноста очекува одговори за неговата улога во сомнителниот тендер од 136 милиони евра.
„Перински беше шеф на кабинетот на Мицкоски, а Арсовска негова кандидатка кој тој лично ја промовираше пред локалните избори. Токму Арсовска во јавноста посочи дека Мицкоски имал повеќе информации за деталите од тендерот, нешто што тој не би смеел да го знае, имплицирајќи негова директна вмешаност во тендерот“,
истакна Каевски.
Пратеникот од СДСМ нагласи дека надлежните институции мора да го расчистат овој случај, да ги земат предвид сите аспекти и да се лоцираат одговорните во случајот со милионскиот тендер.
„Некогашниот шпицен кандидат за премиер, Мицкоски, сега изигрува шпицен градоначалник за да се меша во тендери, за да има влијание и да остварува лични интереси и интересите на одредени бизнис групи. Тоа е уште еден доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, дека Мицкоски е ист како и неговиот ментор и претходник, Никола Груевски“,
посочи Каевски, додавајќи оти за неодговорното и нечесното однесување на опозицискиот лидер, тој повторно ќе биде казнет од граѓаните.