Штерјова го повика премиерот Мицкоски да одговори дали се согласува со ставовите на Стоилковиќ и Китановиќ, додавајќи дека во спротивно треба да ги осуди нивните ставови и да ги разреши
Премиерот Христијан Мицкоски го штити министерот Стоилковиќ и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ и не бара одговорност од нив за јавно изнесените ставови во врска со воениот злосторник Ратко Младиќ, изјави денеска на прес-конференција Кети Штерјова од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ).
„Мицкоски не го споменува Стоилковиќ, не го повикува на одговорност, а на Китановиќ му остава простор да го повлече јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка“,
вели таа.

Според неа, наместо да бидат заштитени, двајцата треба да понесат одговорност согласно член 407 од Кривичниот законик, кој се однесува на одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства.
„Нема тука простор за негово одлучување или различно толкување. Луѓе како Стоилковиќ и Китановиќ со такви ставови не треба и не смее да бидат вршители на каква било јавна функција во Владата“,
рече Штерјова.
Го повика премиерот Мицкоски да одговори дали се согласува со ставовите на Стоилковиќ и Китановиќ, додавајќи дека во спротивно треба да ги осуди нивните ставови и да ги разреши.
„Дали Мицкоски се согласува со својот министер Иван Стоилковиќ? Дали Ратко Младиќ е и негов генерал“,
праша таа.
Посочи дека случајот е дел од поширока агенда и сценарио на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои Мицкоски ги спроведува во земјата, за што тие веќе подолго време предупредуваат.
„Создавање тензии, поделби меѓу граѓаните. етнички провокации и поделби, операција ‘Талог‘. Медиумите се подготвени. Латас, човек на српските служби води кампања по методот на Гебелс, навреди, поселби, постојано повторување на ист навредлив термин за да се дехуманизира политичкиот противник. Стоилковиќ навредува пратеници во Собранието, го велича Ратко Младиќ“,
вели Штерјова.
Оцени дека ваквата политика има за цел да ја држи државата подалеку од Европската Унија, а поблиску со авторитарни сили и источни влијанија.
„Прашањето е што е следно? Што друго имаат подготвено“,
заклучи таа.
Пред два дена директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерали на небеската војска“. Ова предвизвика силни реакции во јавноста, а од граѓанскиот сектор повикаа дека Китановиќ треба кривично да одговара.
Владата го повика директорот да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
По ова, Демократката партија на Србите во Македонија на Фејсбук изрази поддршка за Китановиќ споделувајќи коментари од социјалните мрежи во кои се изразува поддршка за него.
На фејсбук-страницата на Демократската партија на Србите во Македонија, пак, беше објавен текст од извесна Татјана Домазет. Лице со ова име и презиме работи како библиотекар и стручен соработник во Народната библиотека на Србија во Белград.
Во текстот се наведува дека многу Срби го гледале Ратко Младиќ како свој генерал во времето кога се рушеле држави, се раздвојувале семејства, се губеле животи и време во кое никој не можел да знае што ќе донесе следното утро.
