„Државната функција не смее и не може да биде штит од кривична одговорност. ЛДП бара итно разрешување на Китановиќ, а МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат по службена должност согласно членот 407-а од Кривичниот законик, бидејќи законите во оваа земја мора конечно да важат за сите подеднакво“, велат од ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) соопшти дека најостро ја осудува, како што велат, скандалозната и лицемерна реакција на Владата, која наместо итно да го разреши и кривично да го процесира директорот Далибор Китановиќ за величење на осуден воен злосторник, мизерно му понудила можност „да си го повлече ставот“.
Од ЛДП велат дека за величење, одобрување и минимизирање геноцид и воени злосторства, членот 407-а од Кривичниот законик јасно предвидува затворска казна до пет години. Според партијата, законската одредба е децидна и во Кривичниот законик едноставно не постои опција за „повлекување на ставот“ откако делото е веќе сторено.
Побараа Китановиќ да биде разрешен и кривично гонет.
„Ова е уште една шлаканица за народот и за правната држава што не е ниту невиден, ниту првпат за оваа власт, туку таа во континуитет и мизерно продолжува да го практикува. Со случајот Китановиќ добивме уште еден доказ за скандалозните двојни аршини. Преку системот ‘Сејф сити’, секој обичен граѓанин се удира директно по џеб за најмал прекршок и тука нема простување, ниту можност за ‘повлекување’. Кога обичниот човек ќе задоцни со плаќање сметка кон некоја државна установа, Владата не покажува никакво разбирање, туку веднаш му праќа извршители за блокирање на сметките. За граѓаните важи стриктно и немилосрдно почитување на законите, додека за владините функционери се резервирани изговори, беззаконие и простување. Срамота! Државната функција не смее и не може да биде штит од кривична одговорност. ЛДП бара итно разрешување на Китановиќ, а МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат по службена должност согласно членот 407-а од Кривичниот законик, бидејќи законите во оваа земја мора конечно да важат за сите подеднакво“,
соопшти ЛДП.
Пред два дена директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ на Инстаграм објави фотомонтажа, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, а со големи букви е напишано: „Генерали на небеската војска“. Ова предвизвика силни реакции во јавноста, а од граѓанскиот сектор повикаа дека Китановиќ треба кривично да одговара.
Владата го повика директорот да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
По ова, Демократката партија на Србите во Македонија на Фејсбук изрази поддршка за Китановиќ споделувајќи коментари од социјалните мрежи во кои се изразува поддршка за него.
