Партиските ставови денеска на прес-конференција ги објавија претставниците на СДСМ и на коалицијата предводена од ДУИ, Оливер Спасовски и Блерим Беџети. Додека не ги видат законските решенија, како што велат, нема да може да кажат дали ќе ја добијат или не нивната поддршка
Дури откако официјално ќе влезат во собраниска процедура и кога ќе им бидат достапни на пратениците, СДСМ и коалицијата „Европски фронт“ ќе се произнесат за законските решенија за промени во министерствата.
Партиските ставови денеска на прес-конференција ги споделија претставниците на СДСМ и на коалицијата предводена од ДУИ, Оливер Спасовски и Блерим Беџети, по првата официјална координација на спикерот Африм Гаши со претставници на пратеничките групи. Додека не ги видат законските решенија, како што велат, нема да може да кажат дали ќе ја добијат или не нивната поддршка.

„Во однос на тоа дали ќе дадеме поддршка по однос на законите за, како што тие ја нарекуваат, реформа на администрацијата, треба тие закони прво официјално да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или неподдршка, не може да биде дадена. Треба да ги видиме законите – што е тоа што пишува во нив, кој е официјалниот текст и на основа на тоа ќе донесеме заклучок, одлука, и на ниво на партија и на пратеничка група дали ќе бидат поддржани овие закони“,
изјави Спасовски на прес-конференција во Собранието.
Дека ќе се произнесе за предлог-законските решенија откако тие ќе бидат доставени до пратениците е ставот и на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ.

„Ние не сме го виделе сè уште тој закон. Кога ќе го разгледаме, кога ќе стигне до кај нас ќе дадеме конкретни мислења и ставови. Ние не сме го разгледале, но факт е дека имаме и друг контекст, односно многу освен и начелен политички контекст каде што не се почитува волјата на мнозинството гласачи на Албанците и на другите етнички заедници, односно турската, бошњачката и ромската заедница кои се дел од ‘Европскиот фронт’ и нормално како нелегитимна“,
изјави претставникот на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети.
Според она што го слушнале, рече Беџети, овие законски измени ќе ѝ служат само на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што слушаме, тоа му служи само на ВМРО-ДПМНЕ во нивната предизборна програма. И продолжуваат во неколку институции коишто очигледно ќе ги водат нелегитимните претставници на Албанците во владата каде што им се одземаат надлежностите и со тоа фактички уште во самиот старт се докажува дека без легитимитет секој може да си поигра како сака со ресорите и со надлежностите во ресорите“,
рече Беџети.
Претходно денеска претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Вреди“, кои се дел од новото парламентарно мнозинство, изразија очекување дека ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за да може да се усвојат предлог-законските решенија за реорганизација на министерствата.