Дека законското решение треба да се поддржи и од партиите од опозицискиот блок повика и пратеникот Халил Снопче од коалицијата „Вреди“. Во изјава за медиумите по координацијата со собранискиот спикер, Снопче оцени оти нема причина предлог-законските решенија да не бидат прифатени од СДСМ и од „Европскиот фронт“
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ очекуваат дека ќе го обезбедат потребното двотретинско мнозинство во парламентот за усвојување на законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата. Ова денеска го изјавија претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, Никола Мицевски и Халил Снопче, по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставниците на пратеничките групи.

„Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните“,
рече Мицевски во изјава за медиумите по координацијата со Гаши.
Текстот на законското решение, како што рече, е при крај и се очекува деновиве и официјално да биде поднесено.
Дека законското решение треба да се поддржи и од партиите од опозицискиот блок повика и пратеникот Халил Снопче од коалицијата „Вреди“. Во изјава за медиумите по координацијата со собранискиот спикер, Снопче оцени оти нема причина предлог-законските решенија да не бидат прифатени од СДСМ и од „Европскиот фронт“.

„Нема причина да не се даде поддршка. Новата влада со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција ‘Вреди’ и ЗНАМ брои 78 пратеници, значи ни треба двотретинско мнозинство. Но, ние не гледаме причина да не се поддржи од страна на СДСМ и ‘Европскиот фронт’ во насока на нормално функционирање на Владата врз основа на програмските определби за реконструкција на Владата“,
вели Снопче.
За законот да биде усвоен, како што додава пратеникот од „Вреди“, претходно треба да се конституираат двете матични комисии – за политички систем и законодавно-правната комисија. Снопче изрази очекување оти утре и задутре ќе се одржи седница и на собраниската Комисија за избори и именувања за да се конституираат овие две комисии за потоа да може да се усвојат и законските решенија.