Се очекува денеска да биде утврдена потребата измените во Законот за заштита од заразни болести да бидат донесени по скратена постапка, за да може да почне и амандманска расправа во Комисијата за здравство
Двајца пратеници од претходниот состав, Мирослав Јовановиќ (од Српската странка) и Лидија Тасевска, се следни на листата на „Можеме“ во втората изборна единица, кои треба да влезат на испразнетите пратенички места на високите функционери на СДСМ, Мухамед Зекири и Сања Лукаревска, кои претпладнево поднесоа оставки во Собранието.


Се чека ДИК да го потврди мандатот на новите пратеници за да може да продолжи денешната собраниска седница, на чиј дневен ред се и измените на Законот за заштита од Заразни болести, која претседателот на парламентот Талат Џафери ја прекина веднаш откако беа констатирани оставките на Зекири, Лукаревска и на пратеникот на ДУИ, Бајрам Реџепи, како и на Игор Дурловски од ВМРО-ДПМНЕ.
На листата на ВМРО-ДПМНЕ во петтата ИЕ следен кандидат е Мирче Аџиоски, кој би влегол на местото на Дурловски, кој пред неколку дена поднесе оставка.
Во шестата ИЕ, пак, следна кандидатка на листата на ДУИ е Рина Ајдари, која би влегла на местото на Реџепи.
Откако ДИК ќе ги утврди новите пратенички имиња, тие треба да поминат на седница на Комисијата за деловнички прашања во парламентот. Потоа, мандатите ќе бидат верификувани на истата пленарна седница што почна претпладнево, затоа што пратениците не пристапија кон утврдување на дневниот ред.
Очекувањата во парламентот се дека денеска ќе биде утврдена потребата измените во Законот за заштита од заразни болести да бидат донесени по скратена постапка, за да може да почне и амандманска расправа во Комисијата за здравство.
Коалицијата на СДСМ и ДУИ има 62 пратеници во новиот состав на парламентот, односно еден повеќе од неопходниот минимум за формирање мнозинство. Со денешните оставки, таа бројка времено е сведена на 59 пратеници додека се чека да се верификуваат новите мандати.
Во парламентот, според информациите, денеска се вратил на работа пратеникот на СДСМ, Лазе Таневски, кој беше заразен со ковид-19. Но, нема информации дали од изолација излегол и пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски.