Паралелно со внатрепартискиот избор на кандидатите за пратеници, социјалдемократите разговараат и со Беса за тоа кои позиции ќе ги добие оваа партија на изборните листи. Кандидатите од редовите на Беса нема да бидат единствените Албанци на заедничките листи на двете партии бидејќи и од СДСМ ќе има кандидати од оваа етничка заедница.
„Битно е за граѓаните какви кадри нудиме. Ние го утврдивме принципот 50-50, како прва политичка структура, најголема. На листите ќе имаме 50 отсто жени, 50 отсто мажи. Ќе имаме сосема отворени листи што ќе бидат слика за целокупното наше општество. СДСМ има и свои кандидати кои се Албанци. Ќе бидат застапени сите етнички заедници. Паралелно ги завршуваме разговорите и со сите други останати коалициски партнери“,
изјави денеска генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој е убеден дека заедничкиот настап со Беса ќе им го донесе и мандатот за формирање влада.
„Не само поради тоа што сме со Беса заедно и што е нов квалитет на целокупната наша понуда и е една силна гаранција дека оваа коалиција со сигурност, веќе тоа сите го знаат по реакциите, дека го добива мандатот за формирање влада. Ова ќе биде најголема коалиција што настапила на кои било парламентарни избори“,
рече Николовски.
*Поврзана вест: Заев ќе го покани Тачи на средба, но Беса останува единствен нов партнер во коалицијата на СДСМ
Покрај Беса, на листите загарантирани места за пратеници ќе има и за другите коалициски партнери на СДСМ, но кои места и кои се кандидатите ќе биде познато на конгресот на 9 март, на кој треба да се заокружат сите одлуки на Извршниот и Централниот одбор на партијата.
Николовски информира дека во моментов во СДСМ завршува внатрепартиската постапка и процедура од предлагање и утврдување на кандидатите. Досега се анализирани над 750 кандидати кои имаат поднесено кандидатури во СДСМ, без оглед дали се членови на партијата, поддржувачи, активисти, индивидуалци, интелектуалци, кои пројавиле интерес да се пријават.
Николовски овие информации ги изнесе на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа, на која двајцата беа прашани дали редефинирањето како концепт е дел од програмата на Беса.
Хоџа рече дека зависи тоа кој како го толкува.
„Нашето видување за редефинирањето е во контекст на реформите. И точно е дека оваа победничка коалиција ќе направи огромни реформи таму каде што е најболно и каде што режимот успеа и како опозиција да задржи позиции, тоа е судството, правосудството. И во тој контекст реално ние заеднички се залагаме, да направиме реформи. Ако тој некој кажува за редефинирање, точно. Режимот мора да се редефинира само со реформи и тоа ќе го направиме заеднички“,
рече Хоџа.
Николовски на истото прашање одговори дека целта на сето она што СДСМ како носител на извршната власт го прави и она што ќе го понуди на граѓаните, како што рече, без оглед кој како ќе го нарече, битна е суштината, што е она што ние чесно, одговорно го нудиме на граѓаните.
„Овој пат во фокус на целокупната програма, и тоа денес ќе го разговараме, е токму расчистување со остатоците на режимот или на тоа што БЕСА го подразбира во делот на судството и на правосудството. Еден од нашите столбови ќе биде ред, дисциплина и правда“,
рече Николовски додавајќи дека оваа коалиција пред се зборува за обединување.