„Класичен пример на политичка корупција и морален банкрот на луѓето кои прво ја предадоа својата партија, а потоа и своите гласачи. Влегоа во политиката исклучиво за лична корист, ја наплатија својата улога на сателит на ВМРО, а наскоро ќе бидат фрлени во ѓубриштето на политичката историја“, велат од опозициската партија и додаваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер работи на создавање нов „сателит“ – „ЗНАМ 2.0“
Додека се очекува исходот од најавената реконструкција на владата, во смисла на персонални решенија и ресори, од опозицискиот СДСМ вниманието е насочено кон Движењето ЗНАМ, за кое од „Бихаќка“ тврдат дека е во тотален распад и она што се одвива таму е последната битка за фотелји.

Имено, од Социјалдемократскиот сојуз и денеска ги повторуваат наводите дека ЗНАМ се распаѓа бидејќи на партијата ѝ завршила функцијата за која била и вештачки создадена, а тоа е да го ослабне СДСМ и да обезбеди гласови за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
„Сега, кога таа функција е завршена, дојде време за нивниот крај. Во ЗНАМ во тек е последната битка за фотелји и тендери меѓу единствените што останаа, Горан Минчев и Максим Димитриевски. Веќе не му се потребни на Мицкоски, па меѓусебе се борат за последните остатоци од она што им беше ветено“,
наведуваат од СДСМ во денешното соопштение.
Оттаму додаваат дека станува збор за луѓе кои прво ја предале својата партија и своите гласачи, алидирајќи на претходното долгогодишно членство на Димитровски и Минчев во СДСМ, и во политиката влегле исклучиво за своја лична корист. Во тој контекст од СДСМ велат дека кога некоја ја продава својата идеологија, својата партија и своите гласачи за пари, не станува збор за политика, туку за предавство за пари.
„Класичен пример на политичка корупција и морален банкрот на луѓето кои прво ја предадоа својата партија а потоа и своите гласачи. Влегоа во политиката исклучиво за лична корист, ја наплатија својата улога на сателит на ВМРО, а наскоро ќе бидат фрлени во ѓубриштето на политичката историја“,
велат од СДСМ.
Оттаму тврдат дека бидејќи ЗНАМ веќе не постои ниту во анкетите, ниту пак има гласови, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски работи на создавање на нов сателит – „ЗНАМ 2.0“.
Но како што посочуваат од Социјалдемократскиот сојзу, граѓаните го препознаваат тоа и нема да дозволат да бидат излажани.

Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, одговарајќи на обвинувањата, вчера изјави дека за СДСМ може да каже само дека е „друштво во стечај“, координирано од Струмица, а ликвидаторот е Венко Филипче. Според Димитриевски, СДСМ во континуитет сопствените грешки ги бара во туѓите редови.
Лидерот на ЗНАМ, исто така викендов, рече дека со сигурност може да потврди дека по владината реконструкција, партијата со која раководи ќе биде посилна и кадровски и во однос на распределната на ресорни министерства. Тој, не откри какви разговори се водат помеѓу коалициските партнери, а во однос на пекулациите дека Движењето ЗНАМ би можело да остане без едно министерство или да добие друг ресор, Димитриевски рече дека не сака да ги коментира шпекулациите во јавноста и дека сите опции се на маса.
Инаку, Движењето ЗНАМ изминативе две години од формирањсето на Владата на Мицкоски, раководи се Министерствата за правда и за јавна администрација, преку своите кадри Игор Филков и Горан Минчев.
Персоналните решенија и промената по ресори треба да бидат познати утре по состанокот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
